Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАСветТрамп до Афроамериканците: Гласајте за мене, што може да загубите?

Трамп до Афроамериканците: Гласајте за мене, што може да загубите?

Републиканскиот претседателски кандидат, Доналд Трамп, повторно во петокот директно се обрати на црните гласачи и ги повика да ги дигнат рацете од демократите и да му ја дадат на него шансата.

„Го барам гласот на секој афроамерикански граѓанин на оваа земја што сака да доживее подобра иднина“, изјави Трамп на митингот во Дајмондејл, во државата Мичиген, пренесе Асошиејтед прес.

„Што може да загубите ако пробате нешто ново, како што е – Трамп?“, им рече тој на црнците и им порача:

„Живеете во сиромаштија, вашите училишта не се добри, немате работа, 58 проценти од младите ви се невработени – што, по ѓаволите, може да загубите?“

Трамп изнесе и едно смело предвидување: „На крајот на мојот четиригодишен мандат, ви гарантирам дека ќе имам 95 отсто од афроамериканските гласови. Ветувам!“

Тој повторно ја обвини демократската кандидатка Хилари Клинтон за „нетрпеливост“, велејќи дека таа црнците ги гледа „само како гласови, а не како човечки суштества што заслужуваат подобра иднина“.

Асошиејтед прес забележува дека поголем дел од анкетите покажуваат дека меѓу црните гласачи Трамп значително заостанува зад Клинтон.