Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаТоше доби спомен обележје, Заев на откривањето ја истакна неговата моќ да го обедини Балканот

Тоше доби спомен обележје, Заев на откривањето ја истакна неговата моќ да го обедини Балканот

Премиерот Зоран Заев, заедно со градоначалникот на Крушево, Томе Христоски присуствуваа на откривање на спомен обележјето на Тоше Проески и положија свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште.

Посебен момент и големо значење на настанот дадоа и маратонците кои трчаа од Табановце преку Скопје до Крушево за да одадат почит на музичкиот великан Тоше Проески.

„Денеска сме тука за да поклониме пред вечното почивалиште и спомен обележје на нашиот голем сограѓанин и интернационално прифатен естраден уметник – Тоше Проески, како наша должна почит за момчето со големо срце кое беше преполно со љубов, добрина, хуманост, верба, човечност и бескрајна посветеност и верност кон музиката. Му оддадовме достојна почит на нашиот Тоше пред реализираното идејно решение на неговото вечно почивалиште, кое се оформи како конечно низ постојана комуникација и консултација со родителите на Тоше. Од денеска натаму сите ние, како и сите фанови на Тоше од другите земји, ќе можат да се поклонат пред неговото вечно почивалиште кое како симбол ја одразува искрената религиозност на Тоше Проески и вербата во Бог кој тој ја споделуваше и преку неговата музика. Тоше на најдобар можен начин, успеа да го обедини Балканот. Онака како што треба, успевајќи со својата искрена желба, неповторлива харизма и со своите безвременски песни да ги премости сите навидум непремостиви нешта. Тоа е нашата македонска гордост, кој со својот ангелски глас и непосредност, полнеше стадиони, плоштади и сали, каде и да се појавеше“, рече Заев.

Пред 13 години Проески загина во сообраќајна несреќа во Нова Градишка во Хрватска.