Saturday, Apr 20, 2024
HomeФЕР ПЛЕЈТенисТитула број шест за Серена Вилијамс на Вимблдон

Титула број шест за Серена Вилијамс на Вимблдон

Попладнево Вимблдон беше во знакот на дамите финалистки. Женскиот рекет број 1, Серена Вилијамс, успеа да ја совлада Гарбине Мугуруза со 2:0 во сетови и да ја освои шестата титула во британската престолнина.

Иако Мугуруза го започна натпреварот прилично самоуверено, Вилијамс не дозволи да го изгуби првиот сет, па така по 45 минути игра таа дојде во водство и го презема првиот сет со 6:4.

Вториот сет, и покрај тоа што се одигра пократко, беше доста поинтересен поради фактот што во два наврати Мугуруза не дозволи Серена да го освои гејмот што ќе и ја донесе титулата, па така шпанската тенисерка успеа да и се доближи на Серена со 5:4 во гејмови и буквално да ја изнамачи Американката да го запечати вториот сет.

„Гарбине игра неверојатно. По последниот поен не бев сигурна дали натпреварот навистина заврши. Таа е неверојатна”, изјави шампионката која и порача на второпласираната Мугуруза дека за многу брзо време и таа ќе го држи истиот трофеј во своите раце.