Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаТевдовски: Во буџетот има пари за плати и пензии

Тевдовски: Во буџетот има пари за плати и пензии

На сметката на буџетот заклучно со 31 мај има 6,5 милиони евра, а на девизната сметка 209 милиони евра, пари од еврообврзницата, информираше денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Како што пренесува „Мета“, Тевдовски додаде дека во буџетот има доволно пари за сервисирање на тековните трошоци и за исплата на плати и на пензии. Парите од еврообврзницата, пак, ќе се користат за враќање на долговите до крајот на годината.

Тевдовски информираше дека секторот за буџет во Министерство за финансии веќе работи на подготовка за ребаланс на буџетот, кој можеби ќе се случи и порано од септември.

„Со ребалансот на буџетот сакаме да ги исчистиме неефикасните трошења, да видиме колку простор останува за да воведеме некои од мерките што се предвидени со програмата на Владата, како што е зголемување на минималната плата. Во јули веќе ќе треба да се почне и со проекциите за буџетот во 2018 година, во кој ќе бидат имплементирани најголем дел од економските мерки“, изјави Тевдовски.

Во однос на долгот на државата кон буџетските корисници, јавните претпријатија, јавните здравствени установи, институции и општините, Тевдовски додаде дека до сите нив се испратени барања за да ги достават потребните податоци, за да се види колку точно изнесуваат доспеаните неплатени побарувања. Тој податок треба да се има на истекот од првите 100 дена од работењето на Владата.

Јавниот долг, според министерот за финансиии, изнесува повеќе од 50 проценти од домашниот бруто-производ (БДП).

Прва поголема сума за враќање на кредит има во јануари следната година (90 милиони евра), но според Тевдовски, покритични се 2020 и 2021 година, кога треба да се враќа повеќе од една милијарда евра.

– Во стопанството има вишок ликвидни средства од 250 милиони евра кои се замрзнати. Една од опциите е да ги користиме овие пари, бидејќи граѓаните би плаќале помала камата. На средбата со гувернерот Димитар Богов разговаравме и за оваа опција на користење на овие евтини пари, чијашто камата би била помала од процентот на пораст на економијата. Затоа, кога ќе носиме одлуки, треба да гледаме долгорочно и да мислиме на долгот што треба да го враќаме за две-три години – додаде Тевдовски.

Во однос на даноците, ќе има зголемување на персоналниот данок, додека трошоците за придонеси на фирмите нема да се зголемат, а нема да има зголемување ни на данокот на додадена вредност (ДДВ).

Тевдовски информираше дека за една недела исплатиле поврат на ДДВ од две милијарди денари, што е половина од сумата исплатена во првите четири месеци од годината. Според него, со редовното враќање на овие средства ќе се раздвижи економијата и компаниите ќе почнат да размислуваат за инвестиции.

Тевдовски не најави намалување на платата на административците туку, напротив, ниската плата ја посочи како проблем поради кој во некои важни сектори, како на пример во Министерство за финансии, недостигаат кадри, како квалитетни ИТ-инженери.

На прашањето кој ќе биде прв човек на Управата за јавни приходи, Тевдовски кажа дека тоа сè уште се дискутира помеѓу коалициските партнери.