Saturday, Apr 20, 2024
HomeФЕР ПЛЕЈРакометТешка, многу тешка група за нашите ракометни репрезентативци

Тешка, многу тешка група за нашите ракометни репрезентативци

Извонредно тешка ждрепка за ракометната репрезентација на Македонија која на Европското првенство ќе игра во група со домаќинот на шампионатот Полска, потоа со актуелениот светски, европски и олимписки првак Франција  и со нашите лути ривали, северниот сосед Србија. Ова е составот на пеколната А група која е една од двете групи на смртта на континенталното првенство.

reprezentacija rakomet makedonija

За пласман во следната фаза на шампионатот ќе треба да се обезбеди едно од првите три места во нашата група.  Доколку бидеме една од тие три репрезентации, вкрстуваме со првите три од Б групата во која се наоѓаат селекциите на Хрватска, Исланд, Белорусија и Норвешка. Извонредно тешки противници, но и против нив сме умееле да издвојуваме значајни победи.

Првиот натпревар на ЕП во Послка го играме против Франција на  15 јануари, а потоа следуваат дуелите со Полска на 17 јануари и со Србија на 19 јануари.

Европското првенство во Полска ќе се одржи од 15 до 31 јануари следната година , за нашата селекција ова ќе  биде четврто учество  на континенталните собири. За прв пат нашата селекција настапи на ЕП во   Италија во 1998, потоа, Србија во 2012 и во Данска минатата година. Самиот пласман на овој шампионат претставува огромен успех, сега останува на нашите најдобри ракометари да и донесат радост, а со малку среќа можеби и медал на нашата држава за прв пат во историјата на македонскиот ракомет.

Група А: 

  • Франција
  • Полска
  • Македонија
  • Србија

Група Б: 

  • Хрватска
  • Исланд
  • Белорусија
  • Норвешка

Група Ц: 

  • Шпанија
  • Шведска
  • Германија
  • Словенија

Група Д: 

  • Данска
  • Унгарија
  • Русија
  • Црна Гора