Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаТелохранителите на Груевски исфрлиле маж од собирот во Трново, извикувал „Вратете ги парите“

Телохранителите на Груевски исфрлиле маж од собирот во Трново, извикувал „Вратете ги парите“

Обезбедувањето на високите партиски функционери од ВМРО-ДПМНЕ на денешната Семакедонска средба во Трново, Битолско, отстрани од народниот собир лице кое викаше „Вратете ги парите!“ – објавува порталот Сакам да кажам. Додека траеја поздравните говори, еден маж помина зад ложата со столови каде седеа високите партиски функционери од ВМРО ДПМНЕ, меѓу кои и Груевски, па извика неколку пати „Вратете ги парите!“ По ова, двајца од обезбедувањето го зедоа и го отстранија од дворот на црквата „Света Богородица“ каде се одржуваше народниот собир.

На народниот собир одржан по повод Илинден присуствуваше претседателот на владеачката партија Никола Груевски, пратеникот од дијаспората Васко Наумовски, Тодор Петров од Светскиот Македонски Конгрес и други претставници на македонски здруженија во странство. На средбата за првпат немаше претставници од опозицијата.

На средбата која за Илинден се оргранизира со години не се памети толкава голема посетеност како овој пат. Ова е заедничка средба на иселениците и Македонците протерани од Егејскиот дел на Македонија. Пред црквата беа паркирани и дваесетина автобуси кои донесоа народ од сите делови на Македонија.

На почетокот од церемонијата имаше и мал технички проблем. На средина од говорот на првиот говорник Иван Џо Петрески снема струја, па не можеа да се слушаат обраќањата пред толкава насобрана толпа народ. Поради техничките проблеми, беше вметната културно уметничка програма, а откако дојде струјата по петанесетина минути продолжија говорите. Бидејќи домаќинот на собирот, градоначалникот Владимир Талески е во домашен притвор, пред присутните се обрати претседателката на Советот, Силвана Ангелевска.