HomeДЕНЕШНАРепубликаЧовек со гангрена живее во агонија во Драчево, соседите бараат решение

Човек со гангрена живее во агонија во Драчево, соседите бараат решение

Крв, гној и ужасна реа. Во долгогодишна агонија живеат станарите на една од драчевските згради. Соседот од првиот кат повеќе од 10 години живее сам, неподвижен со гангрена на нозете и одбива да биде сместен во некоја установа. Во текот на ноќта тој вика од болки, а при напуштање на зградата зад себе остава ужасна слика.
Соседите велат, целата зграда е контаминирана.
Според соседите, тој плаќа некое дете од пазарот да го спушта по скалите, а кога тоа нема да дојде, бара помош од нив. Екипата на 24 Вести го најде човекот зад пазарчето кадешто тој вообичаено проси.
Во краткиот разговор тој одби било каква помош.
Соседите со години бараат помош од институциите. Од општина Кисела Вода се запознаени со случајот, додека став од Министерството за труд и социјална политика и социјалните служби не добивме.
„Лицето за кое зборувате е евидентирано од страна на општина Кисела Вода преку проектот “Патролен социјален работник”, преку кој по добиената информација од страна на Црвениот крст-Кисела Вода, ангажираниот социјален работник заедно со член на Црвениот крст во повеќе наврати го посетија ова лице. Беше констатирано дека станува збор за самец со сериозни здравствени и социјални проблеми, кој иако има финансиски примања, поголемиот дел од денот го поминува во просење. Поради лошата здравствена состојба лицето е спроведено, од страна на тимот, во СБХБ “Св. Наум Охридски”, по што му е направен медицински преглед, преврска и препишана терапија. Во натамошните средби со социјалниот работник ангажиран од страна на општина Кисела Вода, му е извадена нова здравствена книшка, а му се дадени и помагала-дубак и патерици, како и облека, обувки, завои и слично. Постојано е разговарано со него за неговата општа состоја и за потребата од негово институционално згрижување, која тој изричито ја одбива. Во неколку наврати, има одбиено и да ја отвори вратата и да ги пушти социјалниот работник и претставникот на Црвениот Крст. Како локална самоуправа, сакаме да ве информираме дека жалби од страна на соседите или други лица, како што наведувате во вашето прашање,  не се стигнати до градоначалникот ниту до административните служби на општина Кисела Вода. Исто така, спроведените активности за кои ве известивме се единствени можни, во рамки на законски пропишаните ингеренции на општината“, велат од општина Кислеа Вода.
Сепак, Претседателот на куќниот совет вели: речиси и нема институција до која не се обратиле.
Со доаѓањето на зимата соседите стравуваат и од пожари.
Додека станарите чекаат институциите да го решат проблемот, соседот останува да го преживува секој ден со крвави маки, а со тоа нивната агонија продолжува и понатаму.

Извор: 24vesti.mk

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com