Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаТаравари: Во Тирана и во Приштина се прават анализите за починатите на Инфективна

Таравари: Во Тирана и во Приштина се прават анализите за починатите на Инфективна

Министерот за здравство, Арбен Таравари, вели дека анализите за причините за смртта на двајцата гостиварци, кои починаа на Клиниката за инфективни болести, засега се прават во Тирана, Приштина и во Скопје.

– Ако резултатите од овие анализи се исти, нема да бараме дополнителни. Но, ако не се совпаѓаат, ќе побараме дополнителни анализи во лаборатории во други земји – вели министерот.

Таравари, кој е на службено патување во САД, се обрати преку видеопорака на „Фејсбук“, во која изрази сочувство за смртта на двајцата гостиварци.

– Вчера се состана Комисијата за заразни болести и се преземени сите мерки што треба да се преземаат во вакви ситуации. Другите седум луѓе што се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести се во стабилна состојба и надвор од секаква опасност – вели Таравари.

Тој информираше дека ситуацијата е под контрола, дека нема простор за паника и нагласи дека не е етички, ниту човечки смртните случаи да се користат политички.

Вчера од Клиниката за инфективни болести соопштија дека во изминатите неколку дена починале двајца мажи на возраст од 23 и 50 години, чии симптоми одговарале на повеќе болести, а официјалната причина за смртта ќе се знае по спроведените анализи.