Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаТалески се закани со тужба на битолски новинар

Талески се закани со тужба на битолски новинар

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, првоосомничен во случајот „Транспортер“, иако е во куќен притвор се закани дека ќе го тужи новинарот од Битола, Симе Алушевски, издавач на весникот „Его“. Талески и секретарот на општината, Слободан Бончановски во саботата испратиле барање за извинување бидејќи сметаат дека навреди и клевети имало во текстот со наслов „Транспортер“ објавен на 28 април. Побараа во рок од 48 часа да им се извини, а ако тоа не се случи ќе следува тужба.

Талески се навредил затоа што во текстот пишувало дека со Бончановски ги „местеле“ тендерите за јавен превоз на ученици. Бончановски е навреден од реченицата каде Алушевски пренесува изјава од прес-конференција на СЈО, а се вели дека сметководствената фирма чиј основач е тој вршела услуги за некои од превозниците во случајот „Транспортер“.

„Со изнесувањето на овие невистинити тврдења сторивте повреда на честа и на угледот, со што им причинивте штети кои се состојат во душевни болки“ – пишува во барањето за извинување. Алушевски одлучи да не им се извинува затоа што не гледа со што ги навредил двајцата осомничени функционери. Тој вели дека ова е само продолжување на притисокот кој градоначалникот го прави врз него, но овој пат директно.

Пред две години, градоначалникот Талевски изгуби тужба против новинарката на Утрински Венсик, дописничка од Битола, Анета Блажевска за текст во кој таа ги пренесе обвинувањата на СДСМ за имотот на градоначалникот.

На Талевски утре му истекува мерката куќен притвор. Тој денеска треба да се појави на распит во Основниот суд Скопје 1.