Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаТалески и втората ќерка си ја вработи во државна служба

Талески и втората ќерка си ја вработи во државна служба

Помладата ќерка на битолскиот градоначалник Владимир Талески се вработила во подрачното одделение на Бирото за развој на образованието во Битола, потврдуваат извори од институцијата – пренесува СДК.мк. Според нив, ќерката на првиот човек на Битола била вработена уште лани во октомври како помлад соработник. Но, веста се рашири дури денес низ социјалните мрежи.

Бирото за развој на образованието, каде таа се вработила, е надлежно за наставните програми во општото и гимназиското образование. Советниците за образование при вработување во оваа институција треба да имаат пет години искуство од работа во областа на образованието, а за другите работни места ова не е задолжително. И постарата ќерка на битолскиот градоналаник, пред неколку години, исто така за време на неговиот мандат, се вработи во државна служба. Таа работи во службите на Ветеринарниот факултет во Битола.

Талески е првоосомничен во случајот „Транспортер“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за злоупотреби и за малверзации со превозот на ученици во Битола тешки 360.000 евра. Од Општина Битола денес не одговараа на телефонските повици на новинарите. Директорката на Бирото за развој на образованието, Весна Хорватовиќ, во телефонски разговор ни рече дека е во странство и дека на новинарски прашања ќе одговара од утре.