HomeДЕНЕШНАЕкономијаСветска банка со уште еден извештај со лоши прогнози за Македонија

Светска банка со уште еден извештај со лоши прогнози за Македонија

svetska-banka

Светска банка повторно ги намали прогнозите за раст на македонската економија. Земјава ќе ја заврши годинава со скромен економски раст од 2 проценти, наместо планираниот економски раст од 3,2 % предвидува Светска Банка во најновиот Економски извештај за регионот на Европа и Централна Азија.

Политичката криза е посочена како главен виновник, но нотирани се и Растечкиот буџетски дефицит и неспроведувањето на најавената фискална консолидација која Владата постојано ја става на хартија. Долгата политичката криза негативно влијаела врз приватните инвестиции. Според Светска Банка, со двата ребаланси Владата го напушти концептот за фискална консолидација. Во извештајот се вели и дека ребалансите на буџетот, доведоа до зголемување на фискалниот дефицит и раст на јавниот долг над 50 % од БДП.

„Јулскиот ребаланс ги напушти плановите за консолидација и продуцираше дефицит од 3,6 % од БДП за 2016, наместо планираните 3,2%, поради зголемените трошења за социјални трансфери и помалите капитални трошења. Владата во август донесе втор ребаланс за да обезбеди средства за дополнителните трошоци предизвикани од поплавите. Вториот ребаланс го зголеми дефицитот на 4,1 % од БДП за 2016. Јавниот долг се очекува да расте и понатаму во 2016. Фискалниот дефицит се очекува да го турне јавниот долг над 50 % од БДП од 46,4 во 2015.“

Според Светска Банка, невработеноста и натаму останува еден од клучните проблеми. Светска Банка посочува и на големиот процент на невработеност кај младите и диспропорционалност на пазарот на трудот. Во извештајот е посочено дека намалениот процент на невработеност се должи на стареење и иселување на населението, односно намалување на бројот на работоспособно население, а не на зголемување на бројот на вработени лица.

„Учеството на работната сила драстично опадна до 56,6 % во првата половина на 2016, што е најниско од 2012. Се забележува пад на невработеноста, но тоа се должи на намалување на учеството на работната сила, наместо на зголемување на вработеноста… Невработеноста кај младите порасна над 50 % и покрај владините промоции за програмите за вработување на млади. Стапките на невработеност, особено кај младите и стапките на невработеност на долг рок се уште се помеѓу највисоките во регионот“.

Во извештајот се вели дека поради продолжената политичка нестабилност во земјава негативно реагираа и приватните инвеститори. Како двигатели на економскиот раст Светска Банка ги наведува приватната потрошувачка и зголемените инвестиции, особено јавните инвестиции поврзани со изградбата на двата нови автопата.

Светска Банка за наредните години порогнозира повисоки стапки на економски раст, односно растот догодина треба да достигне 3,3 процнети и 3,7 проценти во 2018 година. Овие прогнози се донесени под претпоставката дека политичката криза ќе заврши, што би значело дека пролонгирањето на кризата ќе ги намали и стапките на економски раст.

Овде може да го најдете извештајот изворно.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com