Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаСветска банка предвидува најмал економски пораст за Македонија во регионот

Светска банка предвидува најмал економски пораст за Македонија во регионот

Светска банка за Македонија предвидува економски пораст од 2,8 проценти, најмал од земјите во регионот, се вели во редовниот економски извештај за Западен Балкан.

Порастот, како што се наведува во извештајот, значително забави како последица на намалените инвестиции, кои беа погодени од политичката криза. Тој, во голема мера беше движен од градежништвото, главно преку јавните инвестиции (автопати).

Фискалниот дефицит се намали, но на сметка на намалените капитални инвестиции.

– Уделот на капитални инвестиции се намали, додека тој на тековните трошења се зголеми во 2016 година, а 30 проценти од вкупните трошоци на владата се за пензии – изјави економистот во канцеларијата на Светска банка во Македонија, Бојан Шимбов.

Светска банка нотира влошување на квалитот и на квантитетот на човечкиот капитал, што ги лимитира можностите за пораст и за квалитетни работни места.

– Повеќе од две третини од 15-годишниците не поседуваат функционална писменост, односно вештини во три клучни области: читање, математика и природни науки. Македонија има најниска стапка на запишани деца во основно и во средно образование во регионот, исклучувајќи ги Босна и Херцеговина и Косово – вели Шимбов.

Главни препораки за Македонија се фискална консолидација и структурни реформи, кои ќе бидат потребни за да се стабилизира јавниот долг.

– Подобрувањето на ефикасноста на трошењето бара реформи во управувањето со јавните финансии. Елиминирањето на пречките за порастот, вклучително и за бизнис-климата, образованието, инфраструктуарата и за правосудството, се главните пораки за Македонија – додаде Шимбов.

Вработувањата од страна на државата во последните две години значително учествува во нето-креирањето на работните места.

– Тие од една страна ја намалуваат невработеноста, но од друга, бидејќи за таквите вработувања има ослободувања, влијаат врз неодржливоста на пензискиот и на здравствениот систем и потребна е темелна анализа на одржливоста – нагласи Шимбов.

Според регионалниот директор за Западен Балкан, Елен Голдстин, приватниот сектор е воздржан од инвестиции, компаниите не преземаат чекори и ризици во средини со висок ризик и потребно е државата да интервенира.

Светска банка советува на среден рок да се стави акцент на инвестициите, а помалку на тековните трошоци и развојот да се потпира на приватниот сектор.