Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСвадби ќе се прават и со градоначалници и без нив

Свадби ќе се прават и со градоначалници и без нив

Матичните служби ќе склучуваат бракови и по 15 мај кога истекува мандатот на советниците и покрај вчерашното предупредување од скопскиот градоначалник дека нема да може да се склучуваат бракови во државава оти официјални сведоци се општински советници кои по истекот на мандатот немаат овластување да ги извршуваат обврските- објави СДК. Од скопското Матично велат дека нема и не може да има прекин во склучувањето на браковите оти тоа е право кое го гарантира Уставот на Република Македонија, а улогата на советниците и минорна.

„Советниците имаат споредна улога во склучувањето на браковите. Тие само го читаат законот, никаде не се потпишуваат. Потпис става матичарот, кој не е дел од локалната самоуправа туку е вработен од Министерството за правда“ – велат од Матично.

Тие најавија дека до крајот на неделава ќе изградат и официјален став за тоа дали советниците по истекот на мандатот ќе продолжат да го читаат законот за време на склучувањето на браковите или ќе се најде некое друго решение.

Матичната служба закажуваше граѓански венчавки и за периодот по 15 мај.

„Ние веќе имаме еден куп закажани венчавки и не можеме сега да им се јавуваме да ги презакажуваме или да ги откажуваме. Токму пради тоа сите што ќе се јават да закажат венчавка, ќе си добијат датум“ – велат од Матичното.

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски како претседател на Заедницата на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС) заедно со потпретседателите Невзат Бејта и Зоран Дамјановски, градоначалници на Гостивар и на Куманово, предупреди дека по 15 мај е можен колапс на локалната самоуправа.