HomeДЕНЕШНАПолитикаСуспендирани полицајци за предизборниот поткуп

Суспендирани полицајци за предизборниот поткуп

Oliver Spasovski ...

За две лица ќе биде отворена кривична истрага за изборен поткуп, а за други тројца, вработени во Министерството за внатрешни работи Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди ќе отвори постапка, но за нив се очекува и суспензија од работните места сé до завршување на постапката, најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Првоосомничената била член на ВМРО-ДПМНЕ од Општинскиот комитет во Прилеп и вработена во државна институција, а се обидела да врбува сограѓанка ветувајќи и 60 евра за глас за владејачката партија. Улогата на тројцата униформирани припадници на МВР се уште се проверува, но како што се дознава тие ги придружувале осомничените кои нуделе поткуп за глас на парламентарните избори.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера ги посети Секторот за внатрешни работи- Битола и полициската станица Прилеп и уште еднаш потенцираше дека не смее да има никакви притисоци врз граѓаните на претстојните избори.

„Најстрого ќе биде казнет секој полицаец кој што ќе учествува во изборната кампања на било која од политичките партии. Има такви случаи во Струга и уште неколку места и преземени се одлучни мерки. Полицијата мора да биде сервис на граѓаните. Карактеристичен настан има во Прилеп, каде што од страна на двајца граѓани на Прилеп е пријавено нудење на поткуп во име на ВМРО-ДПМНЕ за глас на изборите. Поднесена е кривична пријава, известен е јавниот обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот. Ваквите работи се недозволиви и доколку се случуваат ќе има енергична реакција на МВР. Апелирам до граѓаните доколку забележат ваков или било каков случај на злоупотреба од било кој политички субјект веднаш да го пријават во полициската станица. Доколку почувствуваат притисок од било кој државен орган или било кој раководител веднаш да го известат МВР за да можат да се преземат соодветни мерки“, изјави министерот Спасовски.

Извор: novatv.mk

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com