Thursday, Apr 18, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСудското барање за одземање на пратеничките имунитети е во Собранието

Судското барање за одземање на пратеничките имунитети е во Собранието

Кривичниот суд доставил барање со Собранието за одземање на имунитет на шест пратеници кои Основното јавно обвинителство поради насилствата во Собранието од 27 април годинава ги товари за загрозување на уставниот поредок и на безбедноста.

Барањата се пристигнати до Собранието, но се чека претседателот на Парламентот Талат Џафери да се врати од службеното патување во Шведска за да бидат отворени.

Претходно Џафери изјави ако добие барање за одземање на имунитет на пратеници, истото веднаш ќе го препрати до надлежната Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, која е надлежна да расправа за барањето. Според процедурата, донесената одлука Комисијата ја враќа до претседателот на Собранието, кој потоа свикува седница на која ќе се расправа по барањето на судот.

МВР денеска по налог на Основното јавно обвинителство, денеска приведе 36 лица за насилствата во Собранието од 27 април годинава, меѓу кои и пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Љупчо Димовски, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи Митко Чавков, како и дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски.

Во меѓувреме, заврши распитот на Чавков и на Оливер Радулов, кој пак е осомничен за земањето на хард-дисковите со безбедносни снимки од Собранието. Во следните неколку часа судот ќе треба да одлучи дали ќе го прифати барањето на ОЈО да им се одреди мерка притвор на Чавков, Радулов и останатите приведени.