HomeДЕНЕШНАПолитикаСудијката на „Поткуп“, нов заменик на претседателот на Кривичен

Судијката на „Поткуп“, нов заменик на претседателот на Кривичен

Судијката Дијана Груевска-Илиевска е нов заменик на претседателот на Основниот суд Скопје 1, на местото на досегашниот Ивица Стефановски, а нејзината колешка Гордана Спиреска е назначена за нов претседател на одделот за кривично полнолетни на местото на судијката Сандра Крстиќ. Прераспоредувањата, како што попладнево соопштија од судот, се направени со дополнителни одлуки на претседателот на судот, Владимир Панчевски, како дел од организациските промени на годишниот распоред на судиите во овој суд.

„Судијата Дијана Груевска-Илиевска е определена за заменик на претседателот на Основен суд Скопје 1 на местото на судијата Ивица Стефановски, кој по свое лично барање не е повеќе заменик претседател. Судијата Гордана Спиреска е определена за претседател на одделот за кривично полнолетни, од причини што досегашниот претседател на одделот, судијата Сандра Крстиќ, по свое лично барање е прераспоредена во друг оддел. Поради истите причини, судијата Сандра Крстиќ, исто така, е прераспоредена од одделението за организиран криминал и корупција во одделот за кривично-претходна постапка“, стои во соопштението од судот.

Од судот оставаат простор и за нови одлуки за прераспоредување судии „во зависност од потребите како не би се довело во прашање постапувањето на судот“.

Инаку, кај судијката Сандра Крстиќ беше распореден предметот за случајот на новинарот Зоран Божиновски, чие прво рочиште беше закажано кон крајот на минатиот месец. Рочиштето беше одложено поради отсуството на судијката, а од судот соопштија дека Крстиќ од семејни и од лични причини побарала да биде прераспределена во друг оддел.

Новата заменичка на претседателот на судот, пак, од случаите кои предизвикуваат поголемо внимание во јавноста, го води предметот „Поткуп“, во кој обвинет е лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Мета

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com