Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСудиите кои останаа без имунитет веројатно нема да добиваат предмети

Судиите кои останаа без имунитет веројатно нема да добиваат предмети

Судскиот совет на Република Македонија на вчерашното продолжение на 261-та седница донесе Одлука за одземање на имунитет на судиите Билјана Никодиновска-Петровска, Лидија Ивановска, Благородна Аранѓелова, Анета Џигерова и Газменд Фејзулаи.

Станува збора за петмината судии од Управниот суд за кои Специјалното јавно обвинителство поднесе обвинение за сторена: злоупотреба на службената должност и овластување во случајот „Титаник 2“.

Одлуката на Сусдскиот совет е донесена по барање на кривичната судијка Верка Петковска , која го оценува обвинителниот акт за „Титаник 2“. Судиите кои останаа без имунитет најверојатно нема да добиваат предмети за судење, односно може да се соочат со форма на тивка суспензија, пишува СУДСТВО.МК

Како што претходно објави СУДСТВО.МК управните судии се повикувале на својот судиски имунитет уште во времето кога биле повикани да дадат исказ во СЈО околу нивната инволвираност за изборните измами, односно за гласањето во скопската Општина Чаир.

И покрај нивното протестирање и повикување дека не можат да одговараат за судиска одлука, сепак тимот на Катица Јанева реши да покрене и за нив обвинение и тоа во предметот наречен „Титаник 2“.

Нивните иницијали се најдоа меѓу оние 10 лица за кои СЈО одлучи да поднесе обвинение за случајот „Титаник 2“, а кои се товарат за кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, од член 353, став 5, а во врска со член 23 од Кривичниот законик. Покрај судиите во обвинението се споменати и членови на Државната изборна комисија, како и лидерот на ДПА Мендух Тачи, кој во една од објавените „бомби“ разговара со поранешниот началник на УБК Сашо Мијалков за тоа како да гласа нивниот член во ДИК Бедредин Ибраими.

Случајот со судскиот имунитет се актуелизира, откако 17-те предмети за кои СЈО покрена обвинение на последниот ден од законскиот рок , односно на 30. јуни, стасаа до судиите од Кривичниот суд за оценка на обвинителните акти.