Friday, Apr 19, 2024
HomeСТУДЕНТУМСтудентски пленум реагира на “наградните патувања” на Владата

Студентски пленум реагира на “наградните патувања” на Владата

Студентски пленум на својата Фејсбук-страница реагира на најавата на премиерот Никола Груевски за „наградни патувања“ за студентите кои оствариле просек повисок од 9.50.

„Студентски пленум изразува незадоволство од методот и начинот на кој Владата се обидува да ги поткупи студентите, за да заборават на проблемите и условите во студентски домови. Премиерот Никола Груевски треба да знае дека, откако студентите со просек над 9.50 ќе ја искористат неговата мерка, која веројатно во главите на министрите и на него самиот е некаква стимулативна мерка за повеќе труд и учење, ќе се вратат во брутално лошите студентски домови, каде дури и животите им се понекогаш во опасност.

Го известуваме премиерот, доколку не знае, дека во светот студентските домови во Македонија се олицетворение на хоророт и сјајот на бедата, што е недозволиво. Бараме веднаш дневнополитичките поткусурувања и популистички мерки, кои никому не му носат добро, да се тргнат од образованието и студентскиот стандард и конечно Владата да покаже реален интерес за решавањето на горливите проблеми. Решението не е во таблетите и патувањата во Париз и Лондон, туку во реновирањето на сите студентски домови, кревање на студентскиот стандард, бенефиции за студентите и развивање на квалитетно образование, кое нема да биде задушено од парцијални дневно политички ‘реформи’“, се вели во реакцијата на Студентскиот пленум.