Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаСтудентка од Велес починала чекајќи три месеци резултати од анализите

Студентка од Велес починала чекајќи три месеци резултати од анализите

21 годишна студентка од Велес, во декември минатата починала поради долгите процедури во здравствениот систем, ненавремена реакција на лекарите и долгото чекање на резултатите од биопсија, обвинува нејзиното семејство. Најблиските на починатата девојка, за која инсистираа да не се објави името, кое е познато на редакцијата, сметаат дека е изгубено драгоцено време во кое болести напредувала.

Се започнало со навидум мал израсток на израсток под кожата на грбот, а завршило со карцином кој се раширил по сите органи во телото што довело до смртни последици. Оваа шокантна приказна најпрво ја обелодени нејзиниот најдобар другар Љупчо Јованов од Велес, а откако го контактиравме семејството и тоа ја потврди информацијата.

Револтиран од се што се случувало тој ја раскажа приказната за младата девојка, штотуку дипломирана студентка на Медицинскиот факултет во Штип на отсекот за акушерство. Откако забележала дека има израсток под кожата, таа ја посетила матичната лекарка. Одговорот бил дека е обично масно ткиво и „да не се секира бидејќи не е ништо страшно“. Но, израстокот почнал да се зголемува. За два месеца станал поголем, местото почнало да боли, таа не можела да си ги извршува секојдневните обврски , не можела ниту да седи, ниту да лежи подолго. И повторно побарала помош од матичната лекарка. Таа и с е обратиле со зборовите“ девојко бидејќи ова расте , да не ти прави проблеми најдобро би било да го отстраните“, по што ја упатила во болницата во Велес.

„ Таму ја оперираа, а дел од ткивото веднаш го испратија на испитување на Институтот за патологија во Скопје. Тука ја направија првата грешка, при операцијата кога лекарот го направил резот погрешно и ги исекол нервните завршетоци, па имаше страшни болки. На излегување од болница хирургот и рече дека резултатот од биопсијата ќе биде готов за десет работни дена и тогаш да дојде да си го земе“, ја започна приказната Јованов.

veles-bolnica-300x225

Но, резултатите од биопсијата наместо за десет дена ги добиле дури по три месеци. Јованов тврди дека поради неажурност примерокот останал заборавен на Институтот за патологија. Семејството постојано се обраќале во болницата во Велес, а таму им одговарале дека се уште чекаат на анализите. Во меѓувреме израстокот енормно се зголемил, а се појавиле уште два нови до него. Девојката помош и совет побарала кај нејзиниот професор на Медицинскиот факултетот, по што тој фрапиран ја упатил кај негов колега што ја работи оваа проблематика.

„Имаше големи болки, одвај се движеше. Отидовме во приватната болница и кога лекарот каде бевме упатени ја виде се фати за глава. Ги побара резултатите од биопсијата. Му рековме дека не можеме да ги добиеме, уште не биле готови. Веднаш се јави и ни рече да одиме таму. Јас и мајка ми отидовме, тие започнаа да бараат и се утврди дека примерокот воопшто не бил анализиран, го заборавиле. Кога видоа што направиле резултатите ги изработија веднаш и ние ги добивме за еден ден“, раскажува нејзината сестра Александра.

Но, веќе било доцна карциномот бил во последен стадиум, метастазирал и се раширил на коските и во внатрешните органи во телото. Лекарот ја испратил на Клиниката за онкологија каде веднаш започнале со хемотерапија. По примени неколку терапии, за неколку месеци таа починала во најголеми маки, парализирана и со тешки болки. Дипломата и стигнала една недела откако починала.

„Тоа беше голем шок за сите. Се уште се прашуваме како е можно да се случи таков пропуст,грешка која не може да се исправи. Да не се изгубеше драгоцено време, можеби ќе ѝбеше спасена. Здравствениот систем е навлезен во длабока криза која води во бездна исполнета со многу изгубени животи“ вели нејзиниот другар Љупчо Јованов.

Нејзиното семејство,мајка и сестра и верувале во здравствениот систем и биле убедени дека на лекарите им треба време за да ги направат анализите од биопсијата. Неупатени, без да знаат каде да се обратат , одговорот го барале во болницата во Велес бидејќи таму требало и да стигне.

2EA21E86727F364BB23B1AA43D115A93

На Институтот за патологија велат дека имаат политика да не даваат изјави за медиумите. Сепак, кога се повикавме на Законот за слободен пристап до информации го пронајдоа името на девојката во базата на податоци. Директорката рече дека примерот за анализа не бил заборавен, туку бил пратен на испитување во Германија, затоа се доцнело.

„ Тоа беше многу тежок случај. И без тоа немаше ништо да с е промени. Но, увид во документацијата не може да има никој освен обвинителството доколку семејството планира да тужи“, изјави директорката Гордана Петрушевска.

Од друга страна, семејството вели – и да биле пратен примерокот во Германија, тој предолго патувал. Зачудени се зошто за такво нешто не биле известени, туку кога отишле лично таму им кажале дека анализите не се направени, но ќе бидат за еден ден готови.

„Да беа резултатите на време направени можеби ќе се спасеше, ќе добиеше во време. Вака изгуби три месеци без терапија, а со силни болки и големо страдање. Кога отидовме јас и мајка ми ни рекоа дека не е изработен примерокот од биопсија, а потоа за еден ни го дадоа“, вели нејзината сестра Александра.

Ова е само една од приказните која е заплеткана во лавиринтите на здравствениот систем. Административните процедури, закажувањата преку „Мој термин“ и незаинтересираноста кај голем дел од медицинскиот персонал имаат силно влијание врз квалитетот на лекувањето. Семејството смета дека и покрај тоа што болеста била галопирачка и со мали прогнози, изгубено е драгоцено време за кое можело да се почне со рана терапија. Таквите пропусти младата девојка ги платила со живот.

Подготовката на oвој материјал беше овозможена со поддршка од Британска амбасада Скопје, во рамките на проектот “FISCAST+: Фискалната транспарентност и одговорност ги подобрува политиките во областите на квалитет на живот, образование и здравство”. Мислењата и ставовите наведени во овој материјал не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада. Проектот е имплементиран од Finance Think – Институт за економски истражувања и политики, Скопје.

преземено од новатв.мк