Friday, Mar 29, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаСтрумичките бизнисмени ги поставија приоритетите за развој

Струмичките бизнисмени ги поставија приоритетите за развој

Искористување на обновливи извори на енергија и инвестирање во развој на патната инфраструктура за ефективно поврзување со источниот и јужниот сосед. Ова се приоритетите за струмичките компании, дефинирани на средбата со претприемачите и менаџерите на малите и средни компании од овој регион, а организирана од Бизнис Конфедерација на Македонија.

Целта на средбата е унапредување на бизнис климата и создавање подобри услови за работа на локалните компании и беше разговарано за тековните, актуелни проблеми и предизвици со кои се соочуваат компаниите од струмичкиот регион.

Досега одржавме средби со претприемачи од сите пет региони во земјава и заклучокот од средбите е дека компаниите од секој регион се соочуваат со типични проблеми и пречки за понатамошен развој. Соодветно на тоа се создадени и приоритетите врз кои заедно со нашите партнери, компаниите ќе ја градиме понатамошната стратегија за создавање поволна бизнис клима. Она што досега го имаме направено во предлог политиките е одлична основа и одредница што ќе ни користи во понатамошната работа во надградување на концептите за одговорно водење бизнис, поттикнување одржливост на економијата и долгорочен развој на компаниите“, изјави Миле Бошков, претседател на Бизнис Конфедерација на Македонија.

Со цел надминување на проблемите со кои се соочуваат компаниите, Бизнис Конфедерација на Македонија изработи платформа од предлог политики и стратегии базирани на најпроблематичните точки во работата на деловните субјекти. Владеење на правото, Пристап до финансии, Претприемачка култура, Лојална конкуренција и Овозможувачка правна и регулаторна средина се насловите на овие платформи.

Создавањето на предлог политиките, како и организацијата на настанот се поддржани од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, кој го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот. Бизнис Конфедерација на Македонија спроведе и одржа серија вакви средби и промотивни настани во повеќе градови и региони од државата, во кои беа вклучени голем број сопственици, претприемачи и менаџери.