Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСтразбур ја казни Македонија за случајот со разрешениот судија Митриновски

Стразбур ја казни Македонија за случајот со разрешениот судија Митриновски

Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја казни Македонија со 4.000 евра одлучувајќи по жалбата на поранешниот претседател на Апелациониот суд Скопје, Јордан Митриновски, за неговото разрешување од судиската функција во 2011 година, објави Академик.

Во пресудата е утврдена повреда на правото на фер судење од аспект тоа што тогашниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски, се јавува и како иницијатор на постапката за дисциплинска одговорност на Митриновски и како член на Судскиот совет на РМ кој подоцна одлучува по таа иницијатива и носи одлука за негово разрешување.
Судот во својата пресуда оценува дека Митриновски имал легитимна основа да стравува дека претседателот на Врховниот суд бил веќе лично убеден дека тој треба да биде разрешен поради професионална грешка пред да дојде прашањето до Судскиот совет.

Како дополнителна повреда е посочено тоа што на одлуката за разрешување Митриновски морал да се жали пред Жалбениот совет во Врховниот суд каде што претседател на судот е Вангеловски.

– Во такви околности Судот смета дека системот во кој судијата Јово Вангеловски, како член на Судскиот совет, кој побарал иницирање на постапката, учествувал во одлуката за отстранување на жалителот од функцијата, фрла сомнеж за неговата непристрасност кога се одлучува за основаноста на жалбата на жалителот по предметот. Со оглед на горекажаното, Судот утврдува дека судијата во постапка не го положи тестот за субјективна и објективна непристрасност. Понатаму, фактот дека судијата беше еден од петнаесеттемина членови на Судскиот совет не може под тие околности да доведе до каков било друг резултат. Според тоа, бил прекршен членот 6 став 1 од Конвенцијата поради недостиг од непристрасност на Судскиот совет при разгледување на предметот на жалителот – се наведува во пресудата што денеска ја објави Судот за човекови права.