Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАЦрна хроникаСтрашна сообраќајка на патот Кичево-Осломеј, 20 лица повредени

Страшна сообраќајка на патот Кичево-Осломеј, 20 лица повредени

Десет лица се тешко повредени, а десет завршија со полесни повреди во сообраќајна незгода што денес во 06 часот и 45 минути се случи на регионалниот пат Кичево-Осломеј во близина на селото Мамудовци. Дел од повредените се хоспитализирани во охридската болница „Св. Еразмо“, а неколкумина се пренесени во Ургентниот центар во Скопје.

Според информациите од СВР Охрид во сообраќајката учествувале мини бус марка „Мерцедес“ и комбе марка „Фолксфаген“, а се движеле од Кичево кон Осломеј, како и едно товарно возило марка „Форд“ што сообраќало од спротивниот правец.

Несреќата се случила во момент кога мини бусот „Мерцедес“ кој превезувал 18 патници-работници во РЕК „Осломеј“ започнал да врши претекнување на комбе марка „Фолксфаген“ а од спротивната коловозна лента наишло товарното возило марка „Форд“. Притоа се случил удар на страничните леви страни од мини бусот „Мерцедес“ и товарното возило „Форд“ по што мини бусот удрил и во предното лево крило од комбето Фолксфаген“. Овие две возила излетале надвор од коловозните ленти при што мини бусот „Мерцедес“ удрил и во бетонски sид. Товарното возило марка „Форд“ останало на десната коловозна лента во правецот на движење.

На лице место извршен е увид во присуство на јавен обвинител како и полициски екипи од полициската станица во Кичево. За време на увидот, сообраќајот на регионалниот пат се вршеше со наизменично пропуштање на моторните возила.