Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСтотици избришани од Избирачкиот список оти им истекла личната карта пред избори

Стотици избришани од Избирачкиот список оти им истекла личната карта пред избори

Десетици државјани на Македонија со право на гласање на избори, и на овие избори биле избришани од Избирачкиот список само затоа што им истекла важноста на личните карти.

„Дури ни со важечки пасош не можеле на 15 октомври на првиот круг на локалните избори да гласаат, зашто едноставно ги снемало од Избирачкиот список. Па и да изваделе нови лични карти, ним не им било враќано избирачкото право, зашто во меѓувреме Избирачкиот список бил заклучен“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Народниот правобранител Иџет Мемети.

Кај Народниот правобранител веќе има поднесено претставки за ова одземање на избирачкото право.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Чичаковски, кај кого Мемети писмено веќе реагирал за ова одземање на гласачкото право на граѓаните на кои не по нивна вина им истекла важноста на личните карти во незгоден период, вели дека за ова е потребна измена на Изборниот законик. Во спротивно, вели тој, проблемот останува и за наредните избори.

„Избирачкото право се стекнува на 18 години и тоа само се докажува со лична карта. Има одредени граѓани на кои важноста на личните карти им истекува во периодот по распишувањето на изборите. На сите такви случаи, МВР и ДИК место да ги остават во Избирачкиот список, тие ги вадат од него“, вели Зоран Билбиловски, советник на Народниот правобранител, според кого, апсурдно е објаснувањето на ДИК дека овие граѓани требало да дојдат кога бил јавниот увид во Избирачкиот список и да пријават ако извадиле нови лични карти.

Билбиловски вели дека овие граѓани ниту изгубиле македонско државјанство, ниту деловна способност за да ги брише ДИК од Избирачкиот список.

„Ова е класично префрлување на вината кај граѓаните“, реагира Билбиловски.

На ова жестоко се спротивставува претседателот на ДИК Александар Чичаковски и упатува на тоа дека проблемот е системски, кој треба итно да се реши.

„По распишувањето на локалните избори на 6 август, ДИК првото што го побара следниот ден од МВР беше да достави список на сите гласачи кои во моментот на распишувањето на изборите имаат право на глас. Попрецизно, список на сите избирачи со важечки лични карти до денот на распишувањето на изборите и список на лицата за кои била пријавена смрт, 30 дена пред распишувањето. МВР ни го праќа списокот на 8 август. Во меѓувреме, граѓаните вадат нови лични карти. Тие граѓани треба да дојдат и да пријават, пред заклучување на Избирачкиот список. Дојдоа 50-ина такви граѓани и ние ги внесовме во Избирачкиот список. По заклучувањето на Списокот, интервенции веќе не се дозволени, тоа е кривично дело, односно не го дозволува Изборниот законик“, објаснува Чичаковски каде е проблемот.

Тој вели дека проблемот не е нов и оти се разгледува ново законско решение, а тоа е ДИК да добие уште еден извештај од МВР по затворањето на Избирачкиот список, со податоци за бројот на обновени или целосно нови лични карти на лица кои во меѓувреме станале полнолетни.

„Но, за ова треба поширока дебата со политичките партии и со експерти по кривичното право, бидејќи може да има сомневања, или да се отвори можност МВР, по затворањето на Избирачкиот список првиот пат, да печати лични карти за злоупотреби на изборите. Затоа велам дека проблемот е системски и треба да се осмисли заштита од злоупотреби со новите лични карти издадени по распишување на изборите“, вели Чичаковски.

Личните карти кои на граѓаните им истекле по 15 октомври, откако гласале значи на првиот круг, остануваат во Избирачкиот список, вели Чичаковски. Но, ако не извадат нови, односно важечки лични карти, иако ги има во Списокот, тие во недела нема да може да гласаат со истечени лични карти.

„Затоа им соопштивме на оваа категорија граѓани дека МВР ќе работи во сабота и недела, дека може да си ги подигнат новите лични карти и да си гласаат и во вториот круг на локалните избори, в недела“, вели Чичаковски.