Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСтејт департмент: Шверцерите со луѓе често ја поткупуваат полицијата и инспекторите за труд во Македонија

Стејт департмент: Шверцерите со луѓе често ја поткупуваат полицијата и инспекторите за труд во Македонија

Владата на Република Македонија целосно не ги исполнува минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе, но се прават значителни напори за тоа да се постигне, се наведува во годинешниот извештај за трговија со луѓе на американскиот Стејт департмент.

„Владата во споредба со периодот од претходниот извештај демонстрирала зголемени напори, поради што останува во „Tier2“, второто ниво на држави“, стои во извештајот и се наведува дека властите направиле исчекор со изготвување и усвојување на национална стратегија, национален акциски план, назначувајќи национален известувач и национален координатор за трговија со луѓе.

И покрај овие напори, во извештајот се забележува дека владата на ги исполнила минималните стандарди во неколку области. Нотирано е дека во изминатиот период, во споредба со претходните години многу помалку криумчари се обвинети и осудени, не се доделени грантови на невладини организации за борба со трговијата на луѓе, а прекинато е и партнерството со невладините кои обезбедуваат поддршка на владините шелгтер центри.

„Шверцерите со луѓе често ја поткупуваат полицијата и инспекторите за труд. Имало истраги и казни за полицајци кои биле соучесници во трговијата со луѓе“, се наведува во извештајот.

Во извештајот се препорачува македонските власти детално да ги истражат, кривично да ги гонат и да ги казнат шверцерите, како и соучесниците од власта, и да се воведат казни соодветни за да се намали трговијата со луѓе.

„Да се спроведат напредни обука за судиите, обвинителите и полицијата за истраги и кривични постапки за трговија со луѓе, да се одвојат зголемени средства за заштита на жртвите, да се обучат полицајците, инспекторите за труд, дипломатскиот персонал и други државни службеници за проактивна идентификација на жртвите, особено меѓу децата питачи, нелегалните мигранти, бегалците и барателите на азил“, стои во извештајот, во кој Македонија е посочена како земја која е извор, транзит и дестинација за мажи, жени и деца кои се жртви на трговија со бело робје, односно се принудени на принудна работа и на проституција.