Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСтавревски: ДИК ќе добие се што му е потребно да го прочисти избирачкиот список

Ставревски: ДИК ќе добие се што му е потребно да го прочисти избирачкиот список

Владата преку Министерството за финансии ќе одобри вработувања во Државната изборна комисија онолку колку што и се потребни и ќе помогне финансиски во сите сегменти во работењето на ДИК за да и се помогне таа да ги заврши сите активности за организирање на парламентарните избори на 24 април.

Ова попладнево го изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по работниот состанок меѓу Министерството за финансии и Државната изборна комисија, на кој биле разгледани сите аспекти во кои Владата и Министерството за финансии можат да помогнат за ефикасно работење на ДИК.

– Беа разгледани сите кадровски прашања и потреби на ДИК и утврдивме дека сите вработувања што ќе бидат потребни Министерството за финансии и Владата ќе ги одобрат. И тоа не само онолку колку што ДИК ќе побара, туку и двојно и тројно повеќе од тоа ако е потребно, така како што, впрочем, од наша страна му беше ветено на еврокомесарот Хан, се со цел ДИК навреме да ги заврши сите подготвителни активности околу прочистување на Избирачкиот список и сите други активности кои се во нивна надлежност, изјави Ставрески.

Посочи дека веќе е издадена согласност за 11 вработувања, а во следниот период, како што рече, ќе чекаат ДИК да ги заврши анализите околу тоа колку точно ќе им бидат потребни луѓе.

– Значи, уште 20-ина, 25, 30, колку што им требаат луѓе ќе бидат одобрени финансиски средства за нивно вработување. Покрај потребите за нови вработувања, ги разгледавме и другите потреби на ДИК. Тие се однесуваат на обезбедување простор за подрачните одделенија на ДИК и обезбедување возила. Во тој дел ја искажавме нашата решеност да помогнеме како Влада преку државните институции, односно подрачните одделенија на државните институции и преку општините ќе помогнеме да се обезбедат и простор и возила што се неопходни за теренска работа и теренска проверка, додаде вицепремиерот и министер за финансии.