Thursday, Mar 28, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаСтатус на Фејсбук – причина за намалено поведение во велешката Гимназија!

Статус на Фејсбук – причина за намалено поведение во велешката Гимназија!

Навреда на Фејсбук и ширење говор на омраза, се причините за намаленото поведение на Илина Димовска – ученичка во трета година при велешката Гимназија Кочо Рацин. Ваквата одлука на надлежните во Гимназијата ги вжешти социјалните мрежи. И додека таа тврди дека е казнета поради изразување на став на социјална мрежа, директорот вели дека ученичката навредувала по фејсбук. Според објаснувањето на ученичката, настанот се случил во средината на ноември на одбележувањето на патронатот. Таа како учесник била дел од приредбата и од бината била сведок на бркањето на ученици од салата, што ја револтирало.

Педагошката мерка незадоволително поведение, која ми беше изречена ја дознав при добивањето на ливчето со оценки на полугодие. Таа е незаконска, нелегална, апсурдна. Јас не навредив никого. Учениците кои не носеа униформи на приредбата за патронатот, беа бркани од салата. Тоа ме погоди, поради што на ФБ напишав статус, дека пробуваат да ни ја убијат индивидуалноста. По месец дена бев повикана од директорот и педагошко -психолошката служба, на разговор, оти со мојот статус сум повредила некого. Тогаш класниот јавно кажа дека не пренел оти учениците мораат да бидат во униформа, така што учениците се најмалку криви оти не ја носеа – изјави Илина Димовска.

Родителите на девојчето, пак, сметаат дека не се испочитувани сите правни процедури, за да се изрече ваква педагошка мерка. Бидејќи и за незадоволително поведение била потребна одлука на Наставнички совет а таква немало. Згора на тоа Илина имала само два неоправдани отсуства. Директорот на велешката Гимназија ,,Кочо Рацин, ја образложи изречената мерка, која била и казна.

Во статусот кој ученичката го сподели, а потоа беше избришан, во еден дел се пишани навреди и говор на омраза. Освен што сме образовна институција ние сме и воспитна, не можеме да дозволиме вакво однесување. Затоа е казнета – изјави директорот Сашко Андреевски.

Инаку во статусот на девојчето било објавено за неименувани вработени во Гимназијата кои, според пишувањето, ја нарушувале индивидуалноста на поединецот во училиште. Ваквото пишување за директорот претставува говор на омраза и навреди, поради што ученичката била казнета.


Н.С

извор на вест: Ти реков Ми рече