Friday, Jun 15, 2018
HomeДЕНЕШНАЕкономијаСтартува судски процес против раководството на Скопски пазар за криминал со акции

Стартува судски процес против раководството на Скопски пазар за криминал со акции

bit pazar 3

Обвинителниот акт против раководството на Скопски пазар стана правосилен, а судот наскоро ќе закаже старт на судскиот процес во кој седуммина, предводени од претседателот на управниот одбор, Сашо Давитковски ќе бидат соочени со одговорност за криминал со акции на фирмата. Покрај Давитковски, на листата обвинети се и Тошо Давитковски, Предраг Милосављевиќ, Јован Јовановски, Слободанка Ристовска, Боце Славков и Тодорка Давитковска.

Со обвинителниот акт на обвинетите им се става на товар противправно намалување на имотот на Скопски Пазар со повлекување на 14.522 обични акции во 2 наврати во текот на 2006 и 2007 година, за чиј откуп компанијата претходно издвоила речиси 1.5 милиони евра.

Вниманието на обвинителите го привлекло токму ова планско купување сопствени акции со единствена цел да се повлечат. Тоа, според познавачите, е спорен потег на првите луѓе на фирмата, за кој нема економска и правна оправданост, а единствени добитници биле самите директори, чиј влог во сопственоста на фирмата растел за сметка на средства на компанијата. Според Обвинителството , во случајов парите на фирмата се злоупотребени за лични цели и корист на обвинетите.

Како што се гледа од документацијата, ваквите потези всушност биле повеќегодишна пракса во Скопски пазар – директорите да предлагаат трошење на пари на фирмата за купување сопствени акции кои веднаш се повлекуваат.

Аргументите на Јавното обвинителство биле посилни од оние на одбраната при нивното соочување на подготвителното рочиште, кое задолжително се одржува за судот да процени дали обвинителниот акт е издржан и дали стапува на сила. Тоа рочиште се одржа овој месец и резултираше со потврда на обвинението.

По последните случувања во Скопски пазар, станува појасно зошто некогаш успешната компанија денес е во тешка состојба. Изминативе месеци, Скопски пазар ги полнеше страниците на медиумите со информации за продажба на атрактивни недвижнини, доцнење на плати и придонеси, задолженост со милионски кредити и затворање на сите супермаркети во Скопје, кои без заштитен знак на компанијата. Сега, раководството се соочува со судски процес кој уште повеќе го загрозува Скопски пазар, па очигледно е дека други акционери кои имаат удел во фирмата, ќе мора да ја преземат. Само така е можен спас на фирмата, доколку може воопшто нешто да се спаси.