Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаСтартува саемот Полог: природа, култура, авантура

Стартува саемот Полог: природа, култура, авантура

Денес во центарот за дизајн Јавна Соба се отвори саем на Полошкиот регион под име „Полог: природа, култура, авантура“ на кој 15 мали и средни бизниси од регионот ги изложуваат и продаваат нивните производи – традиционална храна и облека, филигран, копаничарство, природна козметика, мебел, туристички услуги и друго. За време на отворањето, посетителите имаа прилика да погледнат неколку занаетчиски презентации – копаничарство, рачна декорација на облека со срма и декорација на торта. Саемот се одвива од 7-ми до 9-ти април, а влезот е слободен за сите посетители.

Саемот „Полог: природа, култура, авантура“ е организиран од Локалната акциона група Боговиње-Брвеница во партнерство со Јавна Соба и со поддршка од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија.

„Полошкиот регион е дом на голем број мали бизниси кои нудат и традиционални и иновативни производи. Овој саем ги носи тие производи пред нова публика на потенцијални потрошувачи,“ изјави директорот на УСАИД во Македонија Џејмс Стаин.

„Како што можете да видите тука денес, Полог се развива како една од најдобрите дестинации за активен туризам во Македонија. Владата на Швајцарија го поддржува овој процес со тоа што им помага на малите бизниси во туризмот да го подобрат квалитетот на нивните услуги, со инвестирање во подобра туристичка инфраструктура и преку поврзување на Македонија со меѓународни купци на дестинации,“ додаде заменичката амбасадорка на Швајцарија Катерина Штокер.

Локалната акциона група (ЛАГ) Боговиње-Брвеница е здружение на граѓани сочинето од претставници на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор од општините Боговиње и Брвеница. Здружението е основано како дел од воведувањето на ЕУ ЛЕАДЕР пристапот за локален економски развој во руралните средини. Во таа рамка, ЛАГ-от го организира овој саем како можност за презентирање на квалитетни и иновативни производи од Полог пред поголема публика на потрошуваци, со крајна цел да го потпомогне проширувањето на малите бизниси преку зголемување на побарувачката.