Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаССНМ: Нема да се откажеме од барањата за пристојни плати

ССНМ: Нема да се откажеме од барањата за пристојни плати

Македонија се повеќе тоне на извештајите за медиумска слобода, а доволен показател за тоа се и нападнатите новинари за време на насилствата во македонското Собрание на 27 април, но и се позасилената пропаганда во многу медиуми кои прераснаа во политичка острица на партиите, велат од СССМ.

„Зад таквиот поразувачки резултат, стои долгогодишното создавање атмосфера на страв, закани од отпуштања новинари од работа, затворање на слободните медиуми и нивно прогласување за државни непријатели. Етикетирање, шиканирање, физички напади, а во некои случаи и затвор за новинарите кои критички ги опсервираат политичките, економските и општествените состојби во земјата. Од друга страна се негуваат и создаваат пропагандистички машинерии, кои шират лаги и невистини затскривајќи се зад новинарската професија.

Затоа, денеска на Денот на слободата на медиумите да ги поздравиме вистинските професионалци во медиумите, колегите кои работат за да се дознае вистината, да се информира јавноста, понекогаш ризикувајќи многу, па дури и својот живот, како што видовме и кај нас во случувањата само пред неколку дена на 27 април.

Оваа година не случајно по повод 3 Мај, Меѓународниот ден на слободата на медиумите,  се повеќе се говори за потребата од диференцијација на новинарството од пропагандата, од користењето медиуми не за ширење, туку за контрола на информации, вметнување лажни или двосмислени вести за да ја дезинформираат, збунат јавноста и да и го свртат вниманието на наметнати теми, да поттикнат омраза и насилство кон неистомислениците.

Подметнувањето и ширењето на лажните вести, на пропагандата и користењето на медиумите за манипулација е проблем што дел демократскиот дел од светот започна да го препознава од неодамна, но колегите во Македонија веќе со години го сведочат.

Борбата против ова зло е можна само доколку новинарите и медиумските работници обединети во силен синдикат застанат во првите редови против партиската инструментализација и диктаторско владеење кои го загрозуваат етичкото новинарство и слободата на говорот, како дел од фундаменталните човекови права.

ССНМ нема дилеми дека стандардите и правата одат рака по рака и се предуслов за квалитетно и професионално новинарство и ќе продолжи да работи на враќањето на кредибилитетот на професијата.

Нема да се откажеме од барањата за пристојни плати и подобри услови за работа, вистински плурализам на медиуми и заштита на професионалното и човечко достоинство. Новинарството мора да биде повторно респектибила професија на која и се верува. Македонија не смее да биде земја во која нема слобода на медиуми и слобода на изразување“, се наведува во соопштението на ССНМ.

POST TAGS: