Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСредба Заев и колационите партнери со Пирс: Иванов ќе ги добие гаранциите за заштита на Уставот

Средба Заев и колационите партнери со Пирс: Иванов ќе ги добие гаранциите за заштита на Уставот

Како што можеме досега да ги фатиме позитивните сигнали, од наша страна како претставници на 67 пратеници кој што побараа мандат, и од господинот Иванов преку неговите изјави, верувам дека сме на добар пат, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев по средбата со Карен Пирс, политичка директорка при Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство. Изјавата по средбата Заев ја даде од името на СДСМ и на коалиционите партнери, ДУИ, Беса и Алијансата на Албанците, со како што информираат од партијата, со целосно нивно овластување.

– Ние сме подготвени преку изјава, пишана, јавно, гласно да ги потврдиме уште еднаш пред господинот Иванов, нашите конечни дефинитивни и непоколебливи конфирмации или потврди за унапредување на унитарноста на Република Македонија, заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот на Македонија, целосно почитување на Уставот и секако, отворање перспективи за нашата интеграција во НАТО и ЕУ, сето она што е важно за сите граѓани на нашата земја без разлика на нивната политичка, етничка, социјална припадност или слично – рече Заев кој додаде дека откако ќе се објави одлуката во „Службен весник“ дека Талат Џафери е претседател на Собранието ќе бара средба кај Иванов за да му ги даде гаранциите.

Заев рече дека со Пирс разговарале за реформите што Македонија треба да ги направи, но и за да дадат дополнителни причини „вакви влијателни пријатели на Македонија да се вклучат во помагањето на интегративните процеси на нашата земја“.

– Нашето место е во НАТО и ЕУ, Велика Британија тоа го знае и како респектабилен член на НАТО алијансата може да биде од огромна помош во делот од разговорите за отстранување на ветото кое го имаме од нашиот јужен сосед, за колку што е можно побрзо членство во НАТО. Секако, сите други опции остануваат отворени и понатаму да ги унапредуваме сите соработки со Република Грција, да ги изнаоѓаме начините на решавање на сите проблеми. Да се надеваме дека во делот на преговорите, паралелно со реформите, ќе ги решаваме прашањата, како што реков, со идната опозиција во Македонија преку консензус и дефинирани со референдум – додаде Заев.