Tuesday, Apr 23, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионСрбија со протестна нота до Словенија поради Косово

Србија со протестна нота до Словенија поради Косово

Министерството за надворешни работи на Србија му врачи протестна нота на амбасадорот на Словенија, поради изјавата на словенечкиот претседател, Борут Пахор во која повика на признавање на независноста на Косово. Тој се ангажира за вклучување на Косово во меѓународните организација и интеграции и кажа дека Косово би требало да го признаат сите држави, а особено оние во неговото соседство.

Министерството за надворешни работи на Србија соопшти дека на словенечката страна ѝ било кажано во иднина да се воздржува од слични изјави кои директно им штетат на односите и меѓусебната доверба меѓу двете земји.

„Министерството за надворешни работи на Србија потсетува дека ова не е првпат словенечки државници да повикуваат на признавање на еднострано прогласената независност на таканареченото Косово, што ги загрозува највисоките интереси на Србија“- се вели во соопштението.

Српската страна истакна дека ваквите изјави суштински ги поткопуваат напорите кои Србија и Европската Унија ги вложуваат во статусно неутралниот дијалог меѓу Белград и Приштина, што е единствена легитимна рамка за постигнување стабилност на Косово. Пахор oваа изјава ја даде при посетата на косовскиот претседател, Хашим Тачи на Љубљана.