Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионСрбија им оддаде почит на жртвите на бомбардирањето на НАТО, а Косово му заблагодари

Србија им оддаде почит на жртвите на бомбардирањето на НАТО, а Косово му заблагодари

Србија ја одбележа 18-годишнината од НАТО бомбардирањето на Југославија, со свечена комеморација одржана во Грделичка клисура, местото на кое во 1999 година, авиони на Алијансата нападнаа патнички воз. Официјалните претставници на Косово, пак, изразија благодарност за воената интервенција – пренесува BalkanInsight.

Неколку стотици граѓани на Србија, заедно со премиерот, Александар Вучиќ, присуствуваа на церемонијата што во петок се одржа во Грделичка клисура, во знак на сеќавање на жртвите од НАТО бомбардирањето на Југославија, кое започна на 24 март 1999 година.

Вучиќ на свеченоста изјави дека воената интервенција на НАТО, чија цел била да се запре офанзивата на југословенскиот претседател Слободан Милошевиќ во Косово, е „една од најбруталните агресии во историјата на војувањето“.
ALEKSANDAR VUCIC
„Србија денес е посилна отколку што беше во претходните години и децении. Никогаш нема да дозволи да се повтори агресија на која што нема да има јасен одговор“, рече Вучиќ. Тој посочи дека Србија избрала да има односи на „почитување“ со НАТО, но оти никогаш нема да побара членство во овој сојуз.

Два авиони на НАТО, на 12 април 1999 година, погодија патнички воз што го поминуваше мостот во Грделичка клисура. По нападот беа пронајдени тела на девет жртви, но вкупниот број на загинати и денес не е познат.
voz bombardiran
Комеморацијата започна со звук на сирени, по што патнички воз тргна по мостот, што беше проследено со едноминутно молчење.

Премиерот Вучиќ, претседателот на босанскиот ентитет, Република Српска, Милорад Додик и семејствата на жртвите во возот, положија венци. Додик, во своето обраќање истакна дека Република Српска ќе ја следи Србија и ќе одбие да биде членка во НАТО.

„Република Српска знае дека е во Босна и Херцеговина, но тоа не е наш избор, туку на тоа сме приморани“, рече Додик.

Годишнината од бомбардирањето на НАТО беше одбележана и во Белград, и во други градови во Србија.

Претседателот, Томислав Николиќ, во Домот на војската на Србија откри спомен-плоча наречена „На српските мајки“.

Од друга страна, во Приштина, косовските власти ја прославија годишнината од почетокот на 78-дневната воздушна кампања, со изрази на благодарност до НАТО, чија интервенција ги принуди силите на Милошевиќ, да се повлечат од Косово.

„Почетокот на воздушната кампања на НАТО, 24 март 1999 година, е историски ден за Косово и за НАТО, но и за концептот на слобода и потребата за нејзина заштита од злосторничките режими“, напиша на својата Фејсбук страница, косовскиот премиер, Иса Мустафа.

„Денес ја изразуваме нашата вечна благодарност кон САД, Велика Британија и кон сите други земји на НАТО, кои беа со нас во најтешките моменти“, напиша Мустафа.

Али Камај, 80-годишен жител на селото Доњи Стреоци, за БИРН изјави дека годишнината од интервенцијата на НАТО треба да ја слават сите косовски Албанци, бидејќи тоа е почеток на крајот на српската власт.

„Кога нѐ информираа дека првиот авион е на пат кон Косово, да не ослободи од многу лошиот непријател, тоа беше најголемата радост што сум ја почувствувал во животот“, вели Камај.

„Од една страна, претставуваше голема радост да се види нападот врз нашиот непријател, но од друга страна, многу се плашевме од Србите. Додека ги бомбардираа, се плашевме дека ќе ни се одмаздат“, додаде тој.

Според проценките на Владата на Србија, за време на 78-дневното бомбардирање, загинале најмалку 2.500, а 12.500 лица биле повредени.

Се проценува дека со бомбардирањето биле оштетени 25.000 куќи и станбени згради, уништени 470 километри патишта и 600 километри железничка пруга.

Досега, само српското Министерство за одбрана јавно ги објави своите податоци, според кои силите на НАТО убиле 631 припадник на српските вооружени сили, а уште 28 се водат за исчезнати.

Но, вистинската бројка на загинати и денес не е позната, иако Хјуман рајтс воч процени дека се работи за бројка од 500 лица.

НАТО никогаш не ги откри своите загуби.

Бомбардирањето на Југославија, дојде како одговор на Запад, по неуспехот на преговорите за ставање крај на конфликтот во Косово.

За време на бомбардирањето на НАТО, југословенските сили спроведоа обемна кампања во Косово, што резултира со протерување на косовските Албанци.

Хашкиот трибунал го обвини Милошевиќ и уште шест други високи официјални лица, за воени злосторства во Косово. Милошевиќ почина пред пресуда да биде донесена.

Бомбардирањето заврши на 10 јуни 1999 година, со потпишување на Кумановскиот договор и усвојување на резолуцијата на Советот за безбедност на ООН 1244, по што следеше повлекување на југословенските воени сили од Косово и пристигнувањето на 36.000 меѓународни мировници.