Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаСпринт на 10 дена: Уставот е јасен, Влада формира тој кој има обезбедено 61 пратеник

Спринт на 10 дена: Уставот е јасен, Влада формира тој кој има обезбедено 61 пратеник

Во своето интервју за неделникот „ Фокус“, претседателот на државата Стево Пендаровски, потенцираше дека мандатот ќе го  даде на оној  лидер кој ќе му обезбеди минимум 61 потпис, кој  е потребен за да се формира идното парламентарно мнозинство, а соодветно на тоа и да се изгласа новата македонска влада. Уставните рокови се јасни: на 04.август во вторник, под посебни протоколарни услови,  се конституираше  идниот македонски парламент, и од тој момент во наредните 10 дена, македонските лидери на парламентарно претставените партии, ќе преговараат за составување на владата.

 

По завршување на овој рок, шефот на државата е должен да му го додели мандатот на лидерот на политичката партија/ коалиција, која го обезбедила потребното мнозинство и во наредните дваесет дена треба да биде изгласана новата влада. Но дали до сега овој уставно предвиден принцип на течење на роковите беше запазен? На минатите предвремени избори, до тогаш владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, освои 2 пратенички мандати повеќе од конкурентската и опозициска СДСМ. Мандатот му беше доделен на  тогашниот лидер  на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен премиер Никола Груевски, кој во уставно предвидениот рок од 20 дена не успеа да создаде парламентарно мнозинство. Потоа, тогашниот претседател на државата Ѓорге Иванов, одбиваше мандатот да му го додели на лидерот на опозицијата на Зоран Заев, барајќи му „ уставни гаранции за почитување на унитарноста и територијалниот суверенитет на државата“. И покрај обезбедените потребни 67 потписи, првиот човек на државата и понатаму одбиваше да му го даде мандатот на опозицискиот лидер. Се случија настаните од 27. Април ,2017 та година, во јавноста запомнати како „ Крвавиот четврток“. Потоа, Иванов, веројатно под притисок на меѓународната заедница, му го додели мандатот на Заев, за да формира влада.

 

Многумина тогаш велеа дека во Уставот на Македонија не е прецизирано, како да се постапува доколку не успее победничката партија да обезбеди мнозинство и да формира Влада, дури некои универзитетски професорки по Уставно право ( Каракамишева), велеа дека не треба да се даде мандатот на втората по ред партија во Собранието, бидејќи во Уставот никаде тоа не го пишува, но универзитетскиот професор и поранешен ментор на Иванов, Светомир Шкариќ, постојано нагласуваше и потенцираше дека мандатот треба да му се додели на оној кој собрал парламентарно мнозинство од минимум 61 пратеник, и дека тоа е јасно и прецизно наведено во македонскиот Устав. Што значи, претходните претседатели, махинално, без претходна консултација, веднаш мандатот го доделувале на победничката партија, оневозможувајќи да се создаде и обид на друго парламентарно мнозинство. Овој пат, претседателот Пендаровски, категорично потенцираше дека Влада може да создадат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но може да се создаде влада во која ДУИ нема да партиципира, односно новата Влада на Македонија ќе биде предводена од тој кој ќе успее да обезбеди преку претходно преговарање во уставнопредвидените 10 дена за создавање на ново парламентарно мнозинство.