Saturday, Apr 20, 2024
HomeUncategorizedСпорот за името ќе се решава по локалните избори

Спорот за името ќе се решава по локалните избори

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, и неговиот македонски колега, Никола Димитров, изјавија дека поставуваат темели на процесот што ќе овозможи преговори за решавање на спорот за името, пишува грчкиот весник „Катимерини“. Според весникот, преговорите се очекува да започнат по октомври кога ќе поминат локалните избори во Македонија. Сепак, со оглед на неизвесноста во регионот и растот на иредентистичката реторика, процените се дека разговорите ќе се забрзаат во 2018 година.

Според весникот, и Атина и Скопје даваат сигнал дека имаат намера да ги подобрат меѓусебните односи. Премиерот Зоран Заев изјавил дека сака земјата да биде присоединета кон ЕУ и НАТО, а Коѕијас ја потврди поддршката кон земјите од Западен Балкан за членство во нив, но инсистира дека тоа ќе се случи ако биде отфрлена иридентистичката реторика и ако биде решено прашањето за името.
И порталот „Еурактив“ пренесе изјава на грчки дипломат кој очекува дека преговорите за спорот за името меѓу Македонија и Грција ќе добијат темпо по локалните избори на 15 октомври.

Вчерашната посета на шефот на дипломатијата Никос Коѕијас се толкува како чекор кон градење доверба меѓу двете страни. „Еурактив“ како негативни примери од последниот период ги наведува потезите на македонскиот конзул во Њујорк, како и на оној во Канада, кој говорел пред карта на голема Македонија со знаме на кое е сонцето од Вергина.