Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаСпасовски: Нормално е секој нов министер да прави реструктуирање, тоа не е саботажа на системот!

Спасовски: Нормално е секој нов министер да прави реструктуирање, тоа не е саботажа на системот!


Министерот за внатрешни работи, од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски дециден дека не им престануваат сите надлежности на раководителите во МВР, туку дека донел одлука за пренесување на надлежностите. Ваквата изјава е спротивна на онаа која некои медиуми ја објавија, односно дека новиот министер за внатрешни всушност го парализирал фукнционирањето на МВР.

„Тоа е нормална постапка, да видиме во каква позиција влегуваме. Денеска дел од надлежностите ќе бидат вратени на структурите во МВР, така што нормално функционира, нема потреба никој да биде загрижен во Министерството, секој што е професионалец ќе биде ценет, а во тој дух ќе биде и мојата натамошна активност“, рече Спасовски, кој учествуваше на церемонијата за одбележување на 13 ноември, Денот на ослободувањето на Скопје.

Спасовски најави дека ова е преструктурирање, а нови кадровски промени нема да има:

„Сакам да биде јасно дека ова е нормална постапка при промена на министерот за внатрешни работи, за овие надлежности да бидат повторно предадени од новиот министер. Не сум размислувал за промени на нови кадри, треба да ја видиме каква е финансиската состојба во Министерството и какви се човечките ресурси. Прво да ги видам овие работи, а понатаму со јавноста ќе се споделат сите информации“, вели Спасовски.

Според новиот министер, професионализацијата на МВР за него е врвен приоритет.

„Таму има многу луѓе кои се професионалци, благодарение на кои функционира МВР и сакам апсолутно да продолжам да работам со сите професионалци во министерството“, вели тој. Во однос на обвинувањата дека побарал луксузни возила, Спасовски вели дека станува збор за возило кое, согласно со законот, му е ставено на располагање на новиот министер.

На еден ден по првата телеграма, Спасовски испрати уште една. Во оваа втората, издадена како последица на реакциите во јавноста, новиот министер ја дообјаснува својата одлука:

 „Во врска со телеграмата, со која престануваат да важат овластувањата од министрите за внатрешни работи кои раководеле со МВР, информирам дека таа се однесува на сите пренесени овластувања, освен овластувањата за донесување решенија, други управни акти и документи во управни работи, овластувањата за прием и заведување на актите во деловник и уписник и овластувањата за ракување со печати и штембили, кои ќе важат до донесување нови решенија за пренесување на предметните овластувања“, се вели во телеграмата.

За да нема доплнителни тривијалности, вчера попладне од МВР појаснија дека телеграмата се однесува на овластувањата во однос на: донесување решенија за распоредување, издавањето наредби за извршување на итни, неодложни и специфични задачи, решенија за годишен одмор, отсуство, како и за јавна внатрешна финансиска контрола.

Според Внатрешни, пренесувањето на овластувањето не го нарушува одвивањето на работите кои спаѓаат во доменот на надлежност на МВР. Пренесените овластувања за кои станува збор не можат да се одразат врз спроведувањето конкретни акции, приведување, контрола и наредба.


Н.С