Thursday, Apr 25, 2024
HomeUncategorizedСпасовски: Ќе се спроведе меѓународна истрага за „Диво насеље“

Спасовски: Ќе се спроведе меѓународна истрага за „Диво насеље“

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денес на доделувањето на донацијата во касарната Ѓорче Петров соопшти дека за случајот „Диво Насеље“ Владата ќе преземе обврска да спроведе дополнителна меѓународна истрага. Спасовски посочи дека јавноста со тоа ќе ја дознае вистината за терористичките напади кои се случија на 9-ти и 10-ти мај, 2015 и во кои загинаа осум полицајци.

МКД наведува дека во судскиот процес за терористичките напади во Куманово, обвинетите речиси на секое рочиште бараат во судница да се појават, како што ги нарекуваат, организаторите на целиот настан, споменувајќи ги имињата на Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска, Али Ахмети, Никола Груевски и Артан Груби.

Обвинетите вакво барање упатија и до судот, но предлогот овие лица да се сослушаат како сведоци, беше одбиено. Обвинетите и нивните адвокати бараат, како што велат, да се открие цела вистина за овој случај, а тоа може да се случи само доколку лицата од раководни полициски и политички функции се појават во судница и се соочат со обвинетите.

Во овој судски процес на 37 обвинети им се суди за тероризам и терористичка организација. Во настаните во кумановската Дива Населба загинаа осуммина припадници на МВР, а околу 40-тина беа повредени.