Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСпасов ги вратил парите од службената картица

Спасов ги вратил парите од службената картица

Поранешните функционери почнаа да ги враќаат парите што ги потрошиле противзаконски. На сметката на Агенцијата за вработување легнаа 143 илјади денари. Директорката Јовановска вели дека парите ги уплатил возач во Агенцијата, а ги потрошил најмладиот министер од претходната Влада, Диме Спасов. Тој, како дополнителен заменски министер за труд, противзаконски користел службена картичка од Агенцијата за вработување, јавува „ТВ 24“.

„Ненаменски потрошените над 2,5 илјади евра возачот ги уплатил на уплатница и истата ја достави до Агенцијата за вработување до секторот за финансии заедно со пропратно писмо во кое дава изјава дека, парите што ги уплатил му биле дадени од Влатко Поповски поранешен директор на Агенцијата за вработување. Парите се уплатени поради потрошени средства од картица која што ја трошел во минатото Диме Спасов поранешниот министер и заменски министер во МТСП“, вели Билјана Јовановска – директор на Агенцијата за вработување.

Без оглед што парите се вратени, Јовановска бара одговорност и најавува кривични пријави.

„Ненаменски потрошените средства кои сега се вратени во буџетот на АВРМ не ги исклучува од одговорност поранешниот директор Влатко Поповски и поранешниот министер Диме Спасов. За истите ќе продолжи да тече постапката според која тие треба да одговараат за злоупотреба на службената должност“, вели Билјана Јовановска – директор на Агенцијата за вработување.

Диме Спасов и поранешниот директор на Агенцијата за вработување не беа достапни за коментар.

Од банкарскиот извод се гледа дека со картичката за репрезентација шест месеци Спасов плаќал сметки во ресторани и кафулиња. Одел во Јавна соба, Суши бар, Скај бар, Фрути Ди Маре, Меана Б, пицериите Балила и 511. Со службената картичка Спасов плаќал и во кинеските ресторани Пекинг гарден и Шин Хаи во Скопје.

Диме Спасов имал службена картичка и од Министерството за труд. Ја користел за да плаќа сметки од елитни ресторани низ светот, па се до ќебапчилници и Мек Доналдс. За овие потрошени пари Министерството не најавува отворање на постапка.