Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАРепублика„Спас за Валандово“ бара референдум за Казандол на 9 јули

„Спас за Валандово“ бара референдум за Казандол на 9 јули

Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ ги собра потребните потписи за распишување на референдум на локално ниво во Општина Валандово, пишува „Плус Инфо“. Денеска во име на сите 2213 потпишани граѓани на Општина Валандово, иницијативата ќе поднесе предлог барање до Советот на Општина Валандово да донесе Одлука со која ќе распише референдум на локално ниво на кој граѓаните ќе се произнесат дали се „за“ или „против“ продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол” и дали се „за“ или „против“ изградба на рудници на металични суровини на територија на Општина Валандово сега и во иднина.

Согласно законските рокови и Статутот на Општината за распишување на референдумот, се бара тој да се одржи на 9 јули со следните прашања:

Дали сте ЗА или ПРОТИВ продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол”?

Дали сте ЗА или ПРОТИВ отварање на рудници и рударски комплекси за металични минерални суровини на територијата на Општина Валандово?

Иицијативата бара горенаведените одлуки на Советот на Општина Валандово да бидат донесени во најбрз можен рок, но не подоцна од понеделник.

„Доколку градоначалникот на Општина Валандово, претседателот на Советот и Советот на Општина Валандово не ги донесат горенаведените одлуки заклучно понеделник, како граѓани на Општина Валандово сплотени во граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“, почнувајќи од вторник ќе пристапиме кон радикални чекори користејќи ги сите демократски облици за изразување незадоволство: секојдневни блокади и протести на крстосница Валандово-Пирава-Марвинци, сè додека нашите барања не бидат исполнети од страна на Советот на Општина Валандово“, соопшти граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“.