Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСостојбата на јужната граница е стабилна, оцени Спасовски

Состојбата на јужната граница е стабилна, оцени Спасовски

Состојбата на јужната граница, во контекст на мигрантската криза, е стабилна, а сериозно е намалена и илегалната миграција. Ова го изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој заедно со амбасадорот на Словачка во Македонија, Мартин Безак, денеска ги посети словачките полицајци распоредени на македонско-грчката граница, кои им помагаат на македонските колеги во справувањето со мигрантската криза.

Спасовски рече дека Македонија е доволно подготвена за справување со бегалската криза, додавајќи дека ситуацијата се следи и дека државата ќе постапува исто како досега, што од страна на земјите од т.н. балканска рута и од меѓународната заедница беше оценето како добро.

– Ваква криза се решава само со соработка и со солидарност. Само преку заеднички пристап ќе можеме да се справиме и со идната криза доколку добие интензитет. Засега имаме стабилна состојба, дури и илегалната миграција е во сериозен пад. МВР презема интензивни марки за што повеќе да се спречуваат вакви појави и да ја задржиме првенствената цел, односно безбедноста на граѓаните и стабилноста на Македонија – изјави Спасовски.

Амбасадорот Безак, по посетата на полициските тимови, нагласи дека миграцијата не е национален туку глобален феномен, кој бара соработка.

– Витален интерес на Словачка е западно-балканската рута да остане затворена. Ние досега во осум ротации испративме 190 полицајци на македонско-грчката граница и сме подготвени и понатаму да помагаме – рече Безак.