Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаСообраќајците на МВР сега ќе ве снимаат со новиот мобилен систем

Сообраќајците на МВР сега ќе ве снимаат со новиот мобилен систем

МВР денеска на ГП Табановце го промовираше новиот мобилен систем за снимање со камери, чија цел е да се подобри квалитетот на полициското работење, да се заштитат правата на граѓаните, да се спречат сите можности за корупција и непрофесионално однесување на полициските службеници, да се заштитат полициските службеници и да се обезбеди еднаквост на сите граѓани пред законот.

На промоцијата на системот присуствуваа министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, директорот на Бирото за јавна безбедност Горанче Савовски и претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Стојче Стаменковски. Началникот на мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, Боби Ѓорѓиев, објасни дека полицискиот службеник е обврзан да го информира граѓанинот дека ќе се снима постапката, која потоа се внесува во базата на податоци на МВР која е заштитена и до која пристап имаат само одредени службеници, како и дека материјалот по 45 дена автоматски се брише. Доколку е потребен одреден материјал за судска или интерна постапка, тогаш се запазува процедурата предвидена во законот.

cavkov-tabanovce

Министерот Чавков изјави дека станува збор за проект поврзан со снимање на службените дејствија од страна на сообраќајната полиција.

– Интенцијата на операционализацијата на овој проект е подигање на интегритетот на полициското постапување, односно обезбедување на законитост во преземањето на секое службено дејствие и тоа е практично на иста линија како и многуте политики кои што во рамките на МВР, досега ги имаме донесено, утврдено и операционалиозирано преку различни стандардни оперативни процедури. Крајната цел е постигнување на две комплементарни цели – обезбедување на безбедноста на граѓаните и на заедницата во исто време и почитување на човековите права и слободи, рече Чавков.

Тој изрази благодарност на програмата ИЦИТАП од САД и Министерството за правда, кои го помогнаа овој проект кој ќе придонесе за подигање на интегритетот и професионалниот однос на полициските службеници во своето постапување и непосредното применување на законските овластувања. Чавков изрази надеж дека проектот е само почеток за ширење во другите полициски структури кои работат на терен и кои имаат директна комуникација со граѓаните на РМ.

Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Стаменковски појасни дека проектот придонесува за остварување на правата на граѓаните, а истовремено е и чекор напред во транспарентноста во работата на полициските службеници

– Го поддржуваме овој проект и се надеваме дека тој ќе даде значааен придонес во зголемувањето на безбедноста во сообраќајот на патишатата, а со тоа и намалување на бројот на сообраќајни незгоди во текот на летото, додаде Стаменковски.

Во однос на сообраќајките во текот на месец јули, рече дека се забележува зголемен број жртви во сообраќајни незгоди, но дека споредбено со 2015 година бројката се движи во тие рамки. Нагласи дека за првите шест месеци од 2016 година 65 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди на патишата.

Одоговарајќи на новинарско прашање, до каде е постапката за отварање на гранични премини кон Србија и кон Косово, барање кое го упатуваат жителите на Лојане и Миратовце, министерот Чавков вели дека интензивно се работи на овие цели, дека се преземени сите активности и иницијативи кои се завршени и тоа за различни делови од државата, со цел, како што рече, да се зголеми пропусната моќ на движење на граѓаните во и надвор од Македонија.