Tuesday, Apr 16, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСОНК ги разрешува наставниците неистомисленици

СОНК ги разрешува наставниците неистомисленици

Професорот Душко Стојановски од гимназијата „Орце Николов” исклучен од Синдикатот за образование и наука. Во образложението му било кажано дека причината за неговото исклучување била поради членувањето во неформални организации како Наставнички Пленум и неговите остри критики кон власта – објави Фактор. Професорот објаснува дека не е член на оваа организација. Дополнително прашува, што би пречело тоа штом е тоа неформална организација?!

Ваквата ситуација според професорот ја открива вистинската слика за начинот на кој се врши притисок врз неистомислениците, оние кои ги подржуваат своите ученици и се секогаш со нив во борбата за подобро и поквалитетно образование.

Вчера реагираше и Синдикалната организација на СУГС „Орце Николов“ потенцирајќи дека оваа одлука покажува ја покажува намерата на СОНК да ги казнува оние членови кои го кренале својот глас против аномалиите на образовниот систем.
duskoПо ваквите настани, реагираше и наставничкиот пленум.
„По серијата присилни разрешувања кои изминатиот период ги направи Советот на СОНК, меѓу кои се вбројуваат поништувањето на изборот на Фанче Јошевска за претседател на синдикалната организација во ОУ „Елпида Караманди“ во Битола и разрешувањето на Душко Стојановски, претседател на синдикалната организација во СУГС „Орце Николов“ во Скопје, уште еднаш се покажа жолтото лице на синдикатот и самоволието на највисокото раководство.

Имајќи предвид дека 70% од членовите на синдикалните организации во Битола, чиј претседател на Регионален одбор беше токму Фанче Јошевска го подржаа штрајкот на наставниците организиран од СОНК, а истовремено гимназијата Орце Николов беше доживеана како симбол на неподлегнување на безмилосните притисоци, останува нејасен фактот зошто токму овие докажани борци за работничките права на наставниците се денес непогодни за раководството на СОНК.

Доколку еден синдикат не само што не сака да ги заштити членовите кои го кренале својот глас и застанале на прва линија во одбрана на правата и условите во кои работат туку и истите ги брка од своите редови, како тој ист синдикат може да гарантира заштита на другите членови кои би се нашле во неповолна позиција?

Не заборавајќи ги самоволно донесената одлука за прекин на штрајкот на наставниците, нетранспарентниот процес на преговори со Министерството, вербалните и писмени закани кон Наставничкиот пленум и сопственото членство и најновата „чистка“ на гласноговорници, останува прашањето чиј углед штити СОНК? На наставниците не, секако. Барем не на оние самомислечките, со сопствен став и интегритет. А, толпата? Толпата е секогаш лесно да се следи. И власта, би додала.

Оттука, потенцирајќи ја важноста на еден силен синдикат, сметам дека СОНК ги потроши сите карти на кои можеше да игра, па затоа е време да се роди нов синдикат кој вистински ќе ги застапува интересите на сопственото членство. Инаку, зошто би му плаќале?“ Стои во реакцијата на наставничкиот пленум напишана од Жана Живадиновиќ.