Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаСомнителна офф шор компанија сака да го преземе Макпетрол

Сомнителна офф шор компанија сака да го преземе Макпетрол

Оф шор-фирма регистрирана во Лондон, а основана од друга фирма од Кипар, денеска објави оглас за преземање на акциите на „Макпетрол“ по цена за дури 30% поголема од вчерашната цена на акцијата на оваа компанија на македонската берза. За берзата и за „Макпетрол“ оваа понуда е неуредна.

„Балакан петролеум холдинг лимитед“ е фирма од Кипар, регистрирана на 28 мај годинава во Лондон, Англија со двајца вработени и основачки влог од 1.000 акции или 1.000 евра. Основач на оваа фирма е фирмата „Даволиа“ од Кипар, регистрирана исто така во мај 2016 година, со двајца вработени.

Денеска во „Утрински весник“ се објави следниов оглас: „Согласно член 22 став 1 од Законот за преземање на аквционерските друштва, ги известуваме сите акционери на Макпетрол АД Скопје дека имаме намера да објавиме понуда за преземање на акционерското друштво Макпетрол АД по цена од 25.908 денари за една акција. Понудата за преземање ќе биде објавена по добивањето на дозвола од страна на Комисијата за хартии од вредност“.

Потпишани на оваа понуда, која била испратена и во архивата на „Макпетрол“, се директорот Васили Евдокимов и ополномоштено лице Петар Стојановски. Денешната цена на акцијата на „Макпетрол“ беше 19.774 денари. Понудената цена е 25.908 денари. Вкупниот број на акциите е 112.382, а книговодствената вредност на една акција е 30.250 денари. Според понудената цена од 25.908 денари, тоа значи дека „Балкан петролеум“ треба да обезбеди гаранција од околу 47 милиони евра.

„Управниот одбор на Макпетрол АД Скопје на седница одржана на 09.06.2016 година го разгледа дописот и констатира дека по истиот не може да постапува од причини што не е доставено полномошно за поднесителот и потребната документација за идентификација на лицето кое има намера за превземање согласно Законот за превземање на акционерските друштва“, се наведува во објавата Макпетрол.

Македонска берза за хартии од вредност наведува дека, не може да се утврди легитимитет на ополномоштеното лице за да настапува во име на друштвото, кое со некомплетна документација пројавило „намера за преземање“. На берзата попладнево е објавено и следното соопштение: „Согласно денес објавеното известување во врска со намерата за преземање на „Макпетрол“ АД Скопје известуваме дека до берзата е доставено полномошно со кое лицето Петар Стојановски се ополномоштува да настапува во име на друштвото ‘Балкан петролеум холдинг лимитед’. Оттаму, Берзата согласно член 22, став 3, од Законот за преземање на акционерски друштва ја објави намерата за преземање на ‘Макпетрол’ АД Скопје“.

Познавачите велат дека ова се прави во пресрет на собранието на акционери на „Макпетрол“, кое е закажано за в сабота.