HomeДЕНЕШНАПолитикаСобранието се распушти навреме, сега на ред се избори

Собранието се распушти навреме, сега на ред се избори

Пратениците донесоа конечно одлука за распуштање на Собранието, а со тоа се отвори и патот за одржување на предвремените парламентарни избори кои се закажани за 11 декември.

Во завршните говори, Рената Дескоска порача дека земјава 10 години ја живее агонијата предизвикана од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои вели таа, масовно ги кршат човековите права, ги исселија младите, ги партизираа институциите и ги уценуваа државните службеници, пренесува Нова ТВ.

Таа порача дека на 11.декември сето тоа ќе заврши со победата на опозицијата.

Илија Димовски, координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пак, рече дека македонскиот народ не заслужувал дестабилизација и не прифаќа рушење на државата каков што имало обид да се направи тоа од страна на опозицијата и како што вели тој, невладините под нивна контрола.

– Граѓаните на Македонија не прифаќаат рушење на банкарскиот систем. Граѓаните не заслужуваат да гледаат физички напади врз службеници на МВР. Тие не поддржуваат вербален атак врз армијата во клучните моменти кога ја штитеше земјата во мигрантската криза. Невладините на СДСМ маршираа против тоа. Граѓаните не заслужуваат да гледаат како втората најголема партија соработува со расчинетиот владика Вранишковски. Тие нема никогаш да прифатат виткање на кичмата и игра со националниот идентитет и името на земјата, како што сака лидерот на најголемата опозициска партија, рече меѓу другото Димовски.

Според Рафиз Алити пак, не било се така црна како што се обидувала да прикаже опозицијата и ги поздрави изгласното официјализирање на Тетовскиот универзитет и на универзитетот „Мајка Тереза“.

Сепак смета дека допрва останува да се расветли кој и за што прислушувал. Тој дополни дека на Република Македонија и треба нова визија со парламентарниот состав по 11 декември, односно дека граѓаните сакаат да бидат дел од НАТО и ЕУ.

Изгласувањето на Буџетот со гласовите на мнозинството беше последната одлука која ја донесе овој пратенички состав, но барањата на опозицијата за законите на СЈО не беа прифатени.

Извор: novatv.mk

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com