HomeДЕНЕШНАПолитикаСобранието не ги прифати предлог измените на законите за лустрација и извршување на Буџетот

Собранието не ги прифати предлог измените на законите за лустрација и извршување на Буџетот

Собранието на Република Македонија на денешната 117. седница не ги прифати двете предлог законски измени од опозицијата, за измени на Законот за престанување на важење на законот за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност и за дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2016 година.

Опозициската СДСМ смета дека оти Комисијата за лустрација повеќе не треба да постои и дека средствата треба да се пренасочат, поради тоа што таа не ја извршила функцијата за која била формирана.

Пратениците од владејачкото мнозинство потсетија дека процесот на лустрација е запрен, но оти Комисијата има обврска да ги заврши отворените предмети.

Собранието по општата расправа по предлог-законот за изменување на Законот за престанување на важење на законот за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, донесе заклучок дека тој не е прифатлив и не може да се даде на понатамошно, односно второ читање. Заклучокот заедно со извештаите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и законодавно правната комисија и белешките од седницата на Собранието треба да бидат доставени до предлагачите на законот.

Собранието по расправата по предлог-законот за дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2016 година, поднесен од опозициските пратеници, го усвои заклучокот дека тој не е прифатлив и не може да се даде на понатамошно, односно второ читање. Заклучокот заедно со извештаите на Комисијата за финансирање и буџет и законодавно правната комисија и белешките од седницата на Собранието треба да бидат доставени до предлагачите на законот.

Претседателот на Собранието Трајко Вељановски тука ја прекина денешната седница.

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com