Tuesday, Mar 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСобранието да ги намали патните трошоци на пратениците, апелираат ТИ и ЦЕА

Собранието да ги намали патните трошоци на пратениците, апелираат ТИ и ЦЕА

Собранието на Република Македонија да направи измени во Законот за пратениците и да донесе Кодекс за етика на пратениците заради отстранување на проблемот со наплатата на нереално високи надоместоци за патни трошоци на пратениците, според препораките од извештаите на Државниот завод за ревизија, побараа „Транспаренси Интернешнл – Македонија“ и Центарот за економски анализи.

„Законот за пратениците предвидува право за членовите на Собранието на РМ да примаат надоместок за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели, во висина од 30 отсто од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи. Државниот завод за ревизија во извештаите за извршена финансиска ревизија од 2008, 2010 и 2016 година препорачал да се преиспита висината на надоместокот во насока на нејзино намалување со оглед на тоа што овие расходи се нереални и опфаќаат значителен дел од вкупните расходи на Собранието на РМ. И покрај тоа, Собранието сè уште нема постапено по препораките на Државниот завод за ревизија и понатаму на пратениците им исплаќа нереално високи надоместоци за патни трошоци со што значително го оптоварува својот буџет“, нагласуваат организациите.

Како што пренесува „Мета“, организациите повикуваат Собранието да го донесе Кодексот за етика на пратениците, за да се постави рамка за етичко однесување на пратениците во ситуации кога одредено однесување иако е легално, не е етичко. Со донесувањето на ваков кодекс Собранието истовремено ќе ја исполни и препораката на ГРЕКО од извештајот за усогласеност од четвртиот круг на евалуација, а кој меѓу другото се однесува на превенција на корупција меѓу членовите на парламентот, се вели во сооопштението.