Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСОБРАНИЕ: Интерпелација на Тодоров, за или против?

СОБРАНИЕ: Интерпелација на Тодоров, за или против?

Народните претставници во Собранието денеска ќе расправаат за интерпелација за работата на министерот за здравство Никола Тодоров, поднесена од пратеничката група на СДСМ веднаш по случајот во гевгелиската болница кога починаа родилка и нејзиното бебе, поради лекарска грешка на двајцата анестезиолози кои биле пијани за време на интервенцијата.

Горан Сугарески, координатор на пратеничката група на СДСМ, посочи дека на координација кај претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, е утврдено точката за одговорноста на Тодоров да биде прва на дневен ред на денешната седница.

„Така е утврдено во Деловникот, според кој расправата мора да заврши денеска на полноќ“, додаде тој.

Пратениците на СДСМ бараат одговорност од Тодоров и негово заминување од функцијата бидејќи, според нив, системските проблеми и целокупниот хаос во здравството резултира со трагични последици за граѓаните.

„Тодоров мора да понесе одговорност за несоодветното и нестручното управување со здравствениот систем, со ресурсите, за немањето стратегија за развој и хаосот што го создаде, кој како данок го зема човековиот живот“, пишува во објаснувањето на пратениците на СДСМ.

Во реакциите, односно одговорот на барањето за интерпелација доставено од Тодоров е наведено дека во здравството во Македонија во тек е инвестициски циклус од 150 милиони евра и се наброени дел од реализираните проекти во овој сектор.

„За разлика од претходниот период, кога не беше решен ниту еден значаен проблем во интерес на граѓаните, ние со конкретни проекти и реформи покажавме како се решаваат проблемите и барањата на пациентите. Се вложуваат милиони во опрема и реконструкција и постојано се бараат начини за унапредување на квалитетот на здравствените услуги и на целиот здравствен систем“, вели Тодоров во писмениот допис до пратениците.

Инаку, во текот на денот ќе биде одржан и протест со барање за интерпелација на Министерот, бидејќи како што велат организаторите на протестот, во времето на Тодоров се случиле најтрагичните пропусти во македонското здравство.


Н.С