Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаСо победата на Макрон скокна и еврото

Со победата на Макрон скокна и еврото

Заедничката европска валута, еврото, забележа раст од 0,1 проценти, по победата на проевропскиот кандидат Емануел Макрон во вториот круг од претседателските избори во Франција.

За заедничката валута на Франција и уште 18 земји во Европа доцна синоќа се добиваше 1,1013 долар.

Како што очекуваа аналитичарите, и цените на акциите на берзите во Азија денеска се зголемија.

Јапонскиот индекс Никеи се искачи за 2,3 проценти, додека реперните индекси на берзите во Јужна Кореја, Австралија и Хонг Конг пораснаа за помалку од еден процент. Во пад утрово беше единствено композитниот индекс на шангајската берза.

Францускиот индекс ЦАЦ 40 во очекување на резултатите минатата недела достигна највисоко ниво од 2008 година, пред почетокот на глобалната финансиска криза.

Иако победата на Макрон се очекуваше, изборите фрлија сенка на несигурност на континентот, бидејќи поразената кандидатка, десничарката Марин ле Пен, сакаше Франција да излезе од ЕУ, што ќе имаше потенцијално катастрофални последици за регионот и за неговата валута.

„Европа тука избегна куршум“, рече главниот стратег на инвестицискиот институт Велс Фарго, Пол Кристофер.

Растот на еврото не е толку силен колку што беше по победата на Макрон во првиот круг, најмногу поради тоа што инвеститорите очекуваа таков резултат.

Сепак, аналитичарите веруваат дека овој резултат од вториот круг ја отстранува големата доза несигурност за европската економија, која сега почнува да се крева по годините финансиска криза и стагнација.