Friday, Apr 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСо одолговлекување на случајот „Макпетрол“ расте притисокот врз ТВ Телма како медиум

Со одолговлекување на случајот „Макпетрол“ расте притисокот врз ТВ Телма како медиум

Тактизирањето на институциите околу преземањето на Макпетрол и одолговлекувањето на процесот на одлучување во Комисијата за хартии од вредност ќе биде притисок не само врз Макпетрол, туку и врз телевизија Телма. КХВ вчера реши да ја запре постапката и одговорноста за одлуката да ја префрли врз друг државен орган, кој не го открива. Со ова, се отвора простор целиот процес да се одолжи со месеци – период во кој самата неизвесност околу случајот ќе претставува притисок врз работењето на една од ретките независни и објективни телевизии во државата. Сомнежите дека во одлуката на КХВ се вмешани и политички фактори се зголемуваат ако се знае дека претстојните месеци се дел од чувствителниот предизборен период, во кој поради калкулантскиот однос на институциите, телевизијата ќе влезе во атмосфера на несигурност околу својата иднина.

Всушност, уште од самиот почеток на целиот случај се појавија сомневања дека обидот за преземање на Макпетрол може да има сериозни импликации и врз телевизија Телма. Самиот факт што токму офшор-компанија, со потекло од Британските Девствени Острови, се обидува да го преземе Макпетрол, во чија сопственост е Телма, претставува опасност по постоењето на телевизијата. Според македонскиот Закон за медиуми, офшор-компании не смеат да имаат удел во сопственоста на еден медиум, што во писмен допис до Телма го потврдила и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Домашно правно лице чии основачи се и странски лица регистрирани во земји во кои согласно со прописите на тие земји не е дозволено или не е можно да се утврди потеклото на основачкиот капитал, не може да врши радиодифузна дејност, согласно со овој закон ниту да се стекне со удел во сопственост на радиодифузер“, стои во член 35 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Ова практично значи дека доколку се случи преземањето, Телма ќе мора или да биде продадена во краток рок или да згасне, што ќе претставува уште еден силен удар врз објективното и независно новинарство во Македонија.

Имајќи ги предвид механизмите на политичките притисоци кон медиумите во државава, кои јавноста имаше можност да ги види на дело во многу случаи досега, станува јасно дека обидот за преземање на Макпетрол не е само обид за внесување на мала врата на сомнителен странски капитал во земјава. Калкулантскиот и несериозен однос на институциите кон овој случај „мириса“ на перфиден напад врз сржта на објективното информирање, клучно за демократскиот амбиент во секоја земја.