Thursday, Apr 25, 2024
HomeДЕНЕШНАСкопјеСо електронските билети ќе нема гужви на влезна во ЈСП

Со електронските билети ќе нема гужви на влезна во ЈСП

Од 1 август во градските автобуси во Скопје ќе се возиме со новите електронски билети и првите читачи веќе се поставени. Единствениот билет ќе важи и за автобусите на приватните превозници кои ќе го воведат овој новитет од 1 јануари 2016 година. Со воведувањето на овој систем, Градот Скопје и неговите граѓани ќе добијат побрз и поквалитетен градски превоз, а ќе се намали и гужвата на влезната врата.

Системот овозможува од контролен центар да се следат автобусите во реално време преку GPS, што ќе придонеси во регулација на пропишаните возни редови, односно за секој автобус ќе има една линија на која ќе се следи неговото движење, како и да се добие реална слика за бројот на патниците по категории.

Во промоција на проектот учествуваа Министерот за информатичко општество Иво Ивановски, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски и директорот на ЈСП Игор Јанушев.

koce bilet

„Системот за автоматска локација и електронскиот систем за наплата ќе биде инсталиран во 500 автобуси, од кои 380 автобуси на ЈСП – Скопје, а 120 на приватни превозници. Граѓаните ќе можат еден билет да користат за возење во автобусите и на приватните превозници и на ЈСП. На автобуските стојалишта ќе има над 50 информациони дисплеи за пристигнување на автобусите, испраќање SMS порака преку која патникот ќе добива информација за неколку следни пристигнувања на автобус на бараната линија, преку веб апликација на која покрај времето на пристигнување на одреден автобус на одредена постојка, ќе биде на располагање и т.н. планер на патување кој ќе го дава најкраткиот и најбрзиот пат помеѓу две места во Градот со користење на јавниот превоз“ изјави градоначалникот Трајановски.

Директорот на ЈСП, Игор Јанушев, потенцираше дека на граѓаните им се нудат два типа на картички: Скопска (пренослива картичка без фотографија) и Моја Скопска ( сопствена картичка со фотографија). Тој истакна дека граѓаните ќе можат овие картички да ги набават од осум центри: Бит-пазар, Центар, Порта Влае, Аеродром, Карпош 2 и дирекција на ЈСП (Шумарски факултет и Транспортен центар), ќе имаат на располагање 60 локации за дополнување на картичките, а ќе се постават и 3 самостојни автомати за дополнување на картичките.

„Безбедноста на податоците во дата центрите е на најголемо можно ниво според сите стандарди за безбедност. Електронските картички се исклучително сигурни и гарантираат непречено секојдневно користење“ оцени министерот Ивановски.

Цената на билетите за возење во автобусите на ЈСП нема да се промени, а хартиените билети ќе се користат до крајот на годината.