Saturday, Apr 20, 2024
HomeДЕНЕШНАСветСноуден не го прифаќа заклучокот на Конгресот на САД дека бил предавник

Сноуден не го прифаќа заклучокот на Конгресот на САД дека бил предавник

Поранешниот соработник на американската Национална агенција за безбедност (НСА), Едвард Сноуден, кој сега живее во Русија, не ги прифаќа наодите на Конгресот на САД дека тој не е „свиркач“, туку предавник.

Американските медиуми јавуваат дека во изјавата, дадена преку видео линк од Русија и испратена до комитетот кој покрена кампања за негово „претседателско помилување“, Сноуден тврди дека наодот на Конгресот е пристрасен и не ја одразува вистината.

Сноуден и натаму тврди дека не сака да се врати во САД и да одговара на суд, пред порота, затоа што не верува дека ќе му биде овозможено фер судење.

Конгресниот Комитет за разузнавање и безбедност во извештај за делувањето на Сноуден, на 36 страници, му предлага на претседателот Барак Обама да не го помилува бегалецот, затоа што со својата постапка, овој „незадоволен работник“ само им помогнал и се уште им помага на непријателите на својата земја.

Во 2013 година, Сноуден украде илјадници тајни и доверливи документи на американската администрација и на безбедносните служби и ги објави во јавноста, а потоа побегна прво во Хонг Конг, а потоа во Москва, каде доби руски политички азил.

Сноуден и сега тврди дека тој го открил „нелегалното следење на телефонските и интернет комуникации“ на граѓаните на САД од страна на НСА, како дел од антитерористичката борба по 11 септември 2001 година.

Конгресниот извештај ги отфрла таквите тврдења на Сноуден и на оние кои го заштитуваат, обвинувајќи го дека „открил воени тајни кои немаат ништо заедничко со приватноста на Американците, туку помагаат во заштитата на американските војници во странство и имаат витална улога во одбраната на САД од тероризмот“.

Оние кои го поддржуваат Сноуден сметаат дека тој не може да биде обвинет и осуден за „заштита на човековите права“, но извештајот на Конгресот посочува дека „незадоволниот работник“ Сноуден кој имал проблеми со своите колеги во НСА и кој лажел за своето минато, немал право да работи против интересите на својата земја.

Белата куќа веќе соопшти дека не прифаќа помилување за Едвард Сноуден.

МИА